Премиера на „Не можам да платам, не сакам да платам“ во Кумановскиот театар

„Не можам да платам, не сакам да платам“ од Дарио Фо, во режија на Владимир Николовски е новата претстава на Кумановскиот театар, што ќе биде премиерно изведена утревечер во 20 часот. Текстот е актуелен и денес, иако е пишуван во 70-тите години од минатиот век, информираа на денешната прес-конференција од театарот. Во претставата играат Марко Трајковиќ, Александра Михајловска Величковски, Давид Илиќ, Владанка Крстевски, Жарко Јовановиќ.

– Ова е моја прва претстава и одлично соработувавме со тимот од театарот. Прекрасна екипа се и беше убава можност да се почне нова карира за млад режисер како мене. Претставата е актуелна и ден денес, бидејќи инфлацијата, кризата и сега се чуствуваат како и тогаш. Ликовите наоѓаат начин како да се справат и како да се изборат со ова. Очекувам преставата да наиде на добар прием кај публиката, изјави Николовски.

Актерите ја поканија публиката да ја проследат и премиерата и репризите кои следат.

– Социјалната разлика која и денес постои креира апсурд, кој е доловен преку различни ликови, кажа актерот Жарко Јовановиќ.

По хаосот во супермаркет и прескапите цени за продуктите, група жени одлучуваат да не плаќаат за нив и создаваат хаос во градот.

Акетрот Трајковиќ не очекува по претставата кумановци да направат хаос во супермеркет, туку ќе уживаат во неа и ликовите.

– Сѐ започнува со хаосот во еден супермаркет, по силен протест на голема група жени незадоволни од исцрпувачката инфлација, енормното и секојдневно поскапување на цените и константното осиромашување. Духовитите и сатирични дијалози и настани силно удираат по општествените апсурди и видливи слабости, многу актуелни и во нашето време и на нашите места. Борбата на ликовите за класна и социјална правда, етичност и економска сигурност драстично се отежнати од принудната борба за преживување во погрешниот систем во кој живеат. Нивната (не)спретност во тие борби може да нѐ замисли, но повеќе од сигурно е дека добро ќе нѐ насмее, пишуваат од Кумановскиот театар.

 

Сподели