Нобеловци, поезија, прекрасни приказни – Денови на канадската литература во Македонија

Денови на канадската литература во Македонија се отворени во Друштвото на писателите на Македонија. Десетина издавачки куќи во континуитет преведуваат дела од канадски автори и тоа на македонски и на албански јазик. Досега кај нас се преведени околу 70 наслови од современата канадска книжевност.

Специјалениот претставник на канадскиот премиер за Европа и амбасадор на Канада во Франција и Монако, Стефан Дион порача:
– Овде имате нобеловци, поезија, прекрасни приказни во кои ќе уживате, книги од одлични канадски автори/раскажувачи.

Канадската книжевност е книжевност на мултикултурна земја, напишана на канадскиот англиски, канадскиот француски, автохтоните јазици и многу други јазици како што е канадскиот галски.

Претседателот на ДПМ, Христо Петрески рече:
– Ние сме љубопитни за новите струења и движења во канадската литература, за тенденциите и правците, за новитетите и актуелностите. Затоа и ги поддржуваме и учествуваме на „Деновите на канадската литература“, една прекрасна идеја и иницијатива, која посакуваме во иднина да се одржува секоја година и да стане традиционална. Посебен предизвик за нас претставува канадското мултикултурно милје, најновите настани и случувања во канадската книжевност, па на тој план во иднина ќе ја интензивираме соработката со Амбасадата на Канада во Белград и Конзулатот на Канада во Скопје.

Канада и Македонија имаат мост на културни и книжевни врски, а од особено значење за остварувањето на таа соработка се преводите на канадските писатели на македонски јазик кај нас. Во 1989 година објавена антологијата „Современа канадска поезија“ во издание на „Огледало“, чии приредувачи се Ленче Милошевска и Ташко Ширилов. Канадската литература се создава на англиски и француски јазик, а кај нас се преведува и на македонски и на албански јазик. Најчесто книгите се финансирани преку европски проекти, мрежата Традуки или преку годишната програма за издавачка дејност на министерството за култура. на читателите во Македонија им се достапни делата на двајцата Нобеловци Сол Белоу (Нобелова награда во 1976) и Алис Манро (Нобелова награда во 2023 година). Маргарет Атвуд во моментов е една од најпопуларните, но и најпреведените канадски писателки во светот, преведувана и кај нас. Атвуд е добитник и на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 2016 година

– Досега се преведени околу седумдесет канадски писатели, меѓу кои се: Леонард Коен, Робин Шарма, Нормалн Равин, Менли Палмер Хол, Маргарет Лоренс, Џорџ Вујкок. Секако, огромна е листата на дела и канадски писатели кои се преведени кај нас, ова е само дел од тоа. Сметам дека преводот на канадските автори ќе продолжи, но сметам дека и македонските писатели треба да бидат поддржани од Канада и да бидат преведени. Македонската книжевност има многу квалитетни автори со кои се гордее и со кои би требало да се запознае канадскиот читателиски аудиториум. Македонските поети се објавени во некои списанија во Канада, но за жал немаме македонски писатели со објавени книги таму. Алина Апостолска е единствена македонска авторка што живее во Канада, а нејзиниот роман „Едно лето од љубов и пепел“ е преведен таму – подвлече Марина Мијаковска, секретар за меѓународна соработка на ДPM.

Во рамките на Деновите на канадската литература во македонската писателска асоцијација ќе се одржат повеќе промоции, како и мини саем на книги од десетина македонски издавачи.

Сподели