Паркинзи за велосипеди добија 15 средни училишта во Скопје, како донација од „Стопанска банка“ од Скопје во соработка со Град Скопје во рамките на 6. издание на манифестацијата „Вози право, вози здраво“. Модерни вело-паркинзи добија средните училишта: Кочо Рацин, Браќа Миладиновци, Шаип Јусуф, Зеф Љуш Марку, Орце Николов, Боро Петрушевски, 8-ми Септември, Владо Тасевски, Панче Арсовски, Раде Јовчевски-Корчагин, Здравко Цветковски, Марија Кири-Склодовска, Никола Карев, Васил Антевски-Дрен и Арсени Јовков. Од Стопанска банка се надеваат дека вело-паркинзите ќе бидат дополнителен поттик за учениците и за вработените во училиштата да ги користат велосипедите не само како средство за спорт и рекреација, туку и како превозно средство, со што ќе стекнат здрави животни навики и ќе учествуваат во заштитата на животната средина.
– Денес, повеќе од кога било, сме соочени со потребата од изнаоѓање и користење на алтернативни начини на превоз со кои ќе придонесеме кон почиста животна средина, намалување на трошоците, но и развивање на здрави животни навики. Преку проектите што ги реализираме продолжува да бидеме партнер на сите институции насочени кон подобрување на животна средина – истакнуваат од Стопанска банка.
Проектот „Вози право, вози здраво“, покрај препознатливиот настан кој привлекува неколку илјади учесници на улиците во Скопје, секогаш е придружен со донација на Стопанска банка во насока на промоција на урбаниот велосипедизам. Донациите се наменети за широката популација и преку нив се промовира и поддржува алтернативниот начин на превоз како еколошко и здраво решение за сите генерации. Покрај новопоставените паркинзи за средните училишта, Стопанска банка досега ги изгради и опреми СТБ детскиот велодром во населбата Тафталиџе во Скопје, ТОПСИ вело-паркот во Градски парк, 100 паркинзи и 15 станици за поправка на велосипеди во Скопје и во неколку градови во земјата во вредост од над 100.000 евра. Дополнително, сите објекти на Банката се опремени со паркинзи за велосипеди.





