Ниту една апликација или игра на електронските уреди не може да го замени чувството што го нуди нејзиното височество книгата

Од децата научив дека е мит дека тие не сакаат да читаат. Сакаат, само треба книгите да се доближат до нив на интересен и забавен начин. Треба да им се посвети внимание кое нема да биде прекинато од електронските уреди, треба да се зборува со најмалите, да се слушаат нивните желби и размислувања внимателно – вели Магде Ангова.

Обожувам да творам за деца. Кога пишувам за нив, без разлика дали се тоа гатанки, басни, раскази или поезија, секогаш замислувам како децата би реагирале на напишаното. Во тие моменти се трудам и јас да бидам дете, да размислувам како дете, да внесам радост, живост а секако на крајот сето тоа да се заокружи со едно убаво наравоучение – вели Магде Ангова, која најмладите читатели ја препознаваат по нејзините две интересни книги „Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“ и „Ниту вистина, ниту лага (басни за големи и мали)“ и двете во издание на „Арс Либи“.

Ангова живее во Гевгелија, магистрирала комуникологија и работи како лице за односи со јавноста во Општина Дојран. Во моментов ја завршува својата магистратура по психологија, ужива во улогата на мајка и во другарувањата со најмалите преку бројните работилници и промоции, кои често и самата ги организира.

Од децата научив дека е мит дека тие не сакаат да читаат. Сакаат, само треба книгите да се доближат до нив на интересен и забавен начин. Треба да им се посвети внимание кое нема да биде прекинато од електронските уреди, треба да се зборува со најмалите, да се слушаат нивните желби и размислувања внимателно. Сметам дека треба да се развие национална стратегија и да се воведат кампањи за поттикнување на читачките навики кај децата – вели таа.

Првата книга ви беше со гатанки, а „Ниту вистина, ниту лага“ е со поднаслов басни. Зошто токму со овие формули? Колкав беше предизвикот при пронаоѓањето нов израз за овие форми и поджанрови?

– Книгата „Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто” настана сосема спонтано, пред точно три години. Сакав на мојата тогаш пет годишна ќеркичка да и ги направам деновите поразлични, шаренолики, возбудливи. Затоа решив да измислувам гатанки за неа, а таа да ги погодува. Излезе дека заедно создадовме многу песнички – гатанки, или вкупно 333. Ги понудив на издавачката куќа Арс Ламина и наидов на одлична соработка и обострано задоволство од издавањето на едно многу симпатично и шарено четиво за деца.

„Ниту вистина ниту лага” се роди едно топло лето под дебелите сенки на нашиот семеен двор. Идејата беше животните лекции и вистини кои ги знаеме ние возрасните, да ги прилагодам за децата. Од басните, преку интересна интеракција на животните кои комуницираат во рима, сакав децата да извлечат поуки кои можеби немаат можност да ги слушнат или научат токму на таков начин на друго место: да ја препознаат вистинската лага, да се воодушевуваат на едноставноста на вистината, да го почувствуваат лицемерието, но и добрите намери кои сме заборавиле дека се добри. Едноставно забораваме дека некој навистина може да прави добро, без скриени и задни мотиви. И двете дела нудат многу мудрости, интерактивни се и читајќи ги гарантирам прекрасно поминато време за децата, но и возрасните, родителите или бабите и дедовците, кои би им ги читале басните и гатанките. Затоа што, ниту една апликација или игра на електронските уреди не може да го замени чусвтвото на поврзаност кое го нуди само и единствено – нејзиното височество – книгата.

Вашите промоции често наликуваат на весели и креативни работилници каде што имате интеракција со публиката составена токму од деца, но и од нивните родители, наставници и слично? Што научивте од нив?

– Многу сакам да се дружам со мојата публика, децата. Промоциите на книгите беа посебно доживување и за мене, но и за нив. За двете книги заедно направивме над 20 промоции низ целата држава. Изненадена сум колку децата беа фокусирани на читањето, на поставувањето на прашања за да дадат точни одговори за кои подоцна беа наградувани. Правев промоции и во основните училишта во југоистокот од Македонија, како и во неколку градинки. Енергијата на децата е неверојатна: придвижувачка, мотивирачка, чиста и единствена.

Се чини дека во денешно време како секој од нас да мантра „децата не читаат“. Дали и вашето чувство е такво? Што правиме или треба да правиме за тие, а покрај нив и возрасните навистина да читаат?

– Од децата научив дека е мит дека тие не сакаат да читаат. Сакаат, само треба книгите да се доближат до нив на интересен и забавен начин. Треба да им се посвети внимание кое нема да биде прекинато од електронските уреди, треба да се зборува со најмалите, да се слушаат нивните желби и размислувања внимателно. Секако најважно од сѐ е да се сонува и мечтае заедно сонив.

Сметам дека треба да се развие национална стратегија и да се воведат кампањи за поттикнување на читачките навики кај децата. Со задоволство би била дел од таков караван кој би ги посетувал сите градови и села во нашата Македонија, караван кој би им ја приближил идејата дека читањето уште од најрана возраст е благодет за правилен развој на дечињата.

Колку родителството ви помага при пишувањето и обратно?

– Да не бев мајка, можеби и не би почнала да пишувам за деца. Мојата ќерка е инспирација за сѐ она што го правам. Мисија ми е од неа да направам страствен читател. Сакам најпрво светот да го запознае преку книгите, а потоа да се нурне во него и без страв да го истражува. Постојано и зборувам како да се чита, да се пишува и да се патува е светото тројство. Се надевам дека ќе порасне во љубопитна млада дама која ќе го живее животот мудро и со полни гради.

Што читате кога не пишувате?

– Неодамна на подарок го добив комплетот книги од Габриел Гарсија Маркес, па моментално уживам во исткаените зборови на еден од најпопуларните писатели од дваесетиот век. Од нашите македонски автори, имам неизмерна почит за Венко Андоновски и неговите дела со задоволство ги препрочитувам. Го обожувам пишувањето на мојата уредничка на двете книги за деца, Оливера Ќорвезироска. Ми се допаѓа нашата Ана Јовковска, а често читам и популарна литература, односно бестселерите кои во моментот се актуелни и популарни. Верувам во она дека книгите се уникатна пренослива магија, токму затоа, книга е дел од задолжителните работи кои секогаш, без исклучок, ги имам со себе во мојата торба.

Сподели