Документарниот филм „Писмото ми го донесе шампионот“ на авторите Александар Манасиев и Мирко Трајановски ќе биде прикажан вечерва во 20 часот во Домот на културата „Бранд Петрушев“ во Богданци.
Станува збор за интересно филмско остварување во кое се испреплетуваат приказната за поштарот ултрамаратонец Трајче Михов и носталгичните сеќавања за писмото како едно од главните средства за комуникација меѓу луѓето. Трајче е веројатно единствениот поштар во светот кој за 24 часа има истрчано 220 километри. Тој е маратонец, и тоа со „тапија“. Приказната за Трајче се испреплетува со сагата за писмото како начин на комуникација.
Дали професијата поштар е во изумирање? Што ако целата комуникација почне да се одвива по електронски пат? Дали има луѓе на кои поштарот никогаш нема да им донесе љубовно писмо или новогодишна честитка?