Никола Пијанманов: „Мизар“ и „Анастасија“ се кодовите на македонската уметност!

Текстот и музиката во „Премин“ се заносно блескави, мистични, загадочни. Песната ја носи со себе една од најдлабоките и најзагонетните тајни во македонската современа музика – вели Пијанманов, кој го создаде омотот за реизданието на антологискиот сингл

Безвременскиот сингл „Премин“ на групата „Анастасија“, издаден оригинално во 1990 година, од вчера и официјално доби свое реиздание. Иницијатор на овој чекор е Климе Ковачески, а за новиот изглед на омотот се инспирира ликовниот уметник Никола Пијанманов. Ова не е негово прво дело создадено за омот на албум. И групата „Мизар“ стави токму негово дело на корицата на албумот „Униније“.

Со Пијанманов разговараме за креативниот процес во создавањето на „лицето“ на еден носач на звук. „Создавањето омот на еден албум за мене е дијалог со музиката, не илустрација, туку пресоздавање на музиката во нов јазик, ликовен“, вели тој.

Никола Пијанманов

– Тоа е всушност дводецениско впивање на музиката, со која се хранев творечки и влијаеше врз естетскиот печат на моето сликарство. „Мизар“ и „Анастасија“ се кодовите на македонската уметност! Енергиите сами се склопија и формите, состојбите, кои лутаа низ просторот и композициите на моите слики си го најдоа местото во албумите на овие групи. Музиката, творбите на тие бендови не се само уметност, туку смисла и дух на многу генерации македонски уметници и креативци. Естетско-духовен код. Како ѕвезда водилка во пустината на модерното време – вели Пијанманов.

Со безвремениот сингл „Премин“ на „Анастасија“, со неговиот изворен и автентичен звук Пијанманов се запознал од снимките на Климе Ковачески, член на групата „Падот на Византија“ и „Анастасија“ од првата постава на бендот.

– Да се создаде слика за таа музика беше еден од најголемите предизвици за кои помнам. Ја искористив поетиката на мојата последна серија слики, дематеријализирани фигури талкаат по празните полиња, го бараат ореолот од небото кој свети претставувајќи ја веќе другата сфера на постоењето. Преминување на човечкиот дух отаде земното. Следење на светлината и трепетот на дрвцето од Еденската градина. Прашина од ѕвезди и цветови. Сè на таа слика има сребрено–златест сјај. Преобразба на плотта и телото. Себепронаоѓање и согорување на стариот Јас. Текстот и музиката во „Премин“ се заносно блескави, мистични, загадочни. Песната ја носи со себе една од најдлабоките и најзагонетните тајни во македонската современа музика! – категоричен е Пијанманов.

Претходно, овој уметник го направи и омотот за синглот „Униније“ на групата „Мизар“. Никола објаснува за соработката со Горазд Чаповски, фронтменот на „Мизар“, кој го препознал кодот на новиот албум и сингл на групата – „Униније“ во сликата Јуда, од последната изложба на Пијанманов.

– Естетски гледано, јас сум дете на„ Мизар“. Се образував на основа од нивната уметност. Моето сликарство е органски врзано со „Мизар“, „Тело-Наука Совршена“, раните дела на „Анастасија“. Моето фигуративно сликарство пак, често се материјализира од нивната музика и така на некој чудесен начин се најдоа, се прегрнаа во едно заедничко дело, омоти на албум. Крикот на Јуда, со покриен лик, безличен и изгубен, претставен после настаните во Гетсиманија, е отелотворување на состојбата Униније (онтолошка промашеност, бесмисла, бесконечна досада, болест на современиот човек) за која се говори во главната песна на новиот албум на „Мизар“ – завршува тој.

Омот на групата „Дактили“ – дело на Пијанманов

 

Сподели