Нашиот поет Никола Маџиров е член на жирото на најголемата светска награда за поезија „Грифин“ (Griffin Poetry Prize) за поетска книга напишана или преведена на англиски јазик, со седиште во Торонто, Канада. Наградата за најдобра книга напишана или преведена на англиски јазик за 2022/2023 година изнесува 100.000 американски долари и ќе биде доделена на авторот и преведувачот на свечена церемонија во Корнер Хал (Koerner Hall) во Торонто, во јуни следната година. Една од основачите на наградата и добитничка на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, Маргарет Етвуд, ќе каже: „Griffin Poetry Prize ги афирмира и охрабрува поетите веќе дваесет и две години. Поезијата не е минорна форма на уметноста; таа е казанот на човечкиот јазик.“
Петтемина автори кои ќе влезат во потесна конкуренција ќе добијат по 10.000 канадски долари и учество на свечената церемонија, а ќе биде доделана и награда за најдобра дебитантска поетска книга во Канада.
Со Маџиров во жирито членуваат и американската поетеса Наташа Третвеј, национален американски поет-лауреат за 2012-2014 година и добитничка на наградата „Пулицер“ и канадскиот поет Грегори Скофилд. Освен овие награди, се доделува и „Грифин“ награда за животно дело, која досега ја имаат добиено неколкумина добитници на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата како Ко Ун (2008), Х. М. Енцесбергер (2009), Адам Загајевски (2016) или Нобеловците Томас Транстромер (2007), Шејмас Хини (2012), Дерек Волкот (2015) и други.
Во конкуренција за најдобра поетска книга напишана или преведена на англиски јазик се шестотина книги од автори од многу земји.





