Во издание на „Или-Или“ од Скопје, неодамна е објавен романот „Естом“ од Николина Андова-Шопова. „Естом“ е дел од едицијата „ПРОаЗа“ и е втор роман на Шопова, а за првиот „Некој бил тука“ таа ја доби наградата „Роман на годината“ на фондацијата „Славко Јаневски“ во 2018 година. Во својот осврт кон книгата, Владимир Јанковски пишува:

– „Естом“ е книга во која Андова-Шопова продолжува да истражува некои од темите кои се карактеристични за нејзиното творештво: необичните човекови судбини, судбините на чудаци кои се разликуваат од околината во која живеат, верувањето во ирационалното и неискажливото како важен елемент на човековиот живот, чувството дека човековиот живот се состои од мигови кои не можат целосно и до крај да се објаснат. Таков „чудак“ кој живее според сопствени правила е и главниот лик во романот „Естом“ – пантомимичарот Олег. Врвен во она што го прави, целосно посветен на својата уметност и умешност, Олег наликува на оние уметници кај кои нивниот уметнички сензибилитет целосно се поклопува со нивниот живот и судбина. Живеејќи според поетиката на отсуството, на невидливото, на силината на световите што самиот ги создава, а се помоќни од каква било „реалност“, тој успева својот живот целосно да го поистовети со својата уметност – пишува Јанковски.
Николина Андова-Шопова (1978) дипломира на Катедрата за македонска и јужнословенска книжевност на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Нејзината прва поетска книга „Влезот е од другата страна“ во издание на издавачката куќа „Темплум“ ја доби наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска книга што ја доделуваат фестивалот Струшки вечери на поезијата и УНЕСКО. Во 2014 година ја издава втората поетска збирка „Поврзи ги точките“, повторно во издание на Темплум.Нејзини песни се преведени на повеќе светски јазици и е застапена во повеќе антологии на македонската поезија. Пишува и раскази, а авторка е и на книгите за деца „Волшебната комета“ и „Кртот Ѕвездан“.





