Никогаш во историјата гласот на критиката не бил потполно задушен – така е и денес

Историчарот Васко Гичевски неодамна ја промовираше книгата „Современото македонско општество и воспитно образовниот систем“

Секое општество определува некаков стандард за тоа што значи да се биде интелектуалец. Нашето општество, длабоко партизирано, клиентелистички ориентирано кон домашните и надворешните центри на моќ, изнедрува на површина интелектуалци кои својот подем го доживуваат единствено преку преповторување на официјалните државно-политички ставови. Тие повеќе служат како алиби за некаква одлука или постапки, отколку за анализа и проверка на некаква одлука или постапка. Јалови интелектуалци се тоа, какви што се и нивните дела преточени во практики кои веќе со децении ја разјадуваат државата, вели историчарот Васко Гичевски кој со години пишува и објавува научни трудови, активен е во медиумите со ставови и колумни. Неодамна во родната Битола тој ја промовираше книгата „Современото македонско општество и воспитно образовниот систем“ каде направи селекција на дел од своите трудови.

Книгата e конципирана како збирка на есеи со фокус на општествено-политички, економски и воспитно-образовни теми. Како дојдовте до идеја за ваква компилација?

– Поводот беше едноставен. Оваа година одбележувам десет плодни години публицистичка дејност. Согледувајќи дека веб-порталите како и сите електронски медиуми тешко се архивираат се решив да селектирам од моите писанија, она што побудило најголем интерес и да ги објавам во една збирка. Текстовите се така одбрани и подредени да сочинуваат една целовита слика на она што претставува современа македонска општествено политичка и економска реалност.

Васко Гичевски

Чувствувате ли недостиг од простор за критика, поточно за здрава јавна дебата за овие теми? Колкав простор обезбедуваат медиумите за овие суштински проблеми на нашето општество?

– Со подемот на електронските и социјалните медиуми, се отвори широк независен простор, кој се опира на секаква контрола. Традиционалните медиуми треба да повеќе одвојуваат простор за овие теми, и навистина се прилично отворени за секакви мислења и позиции. Сепак не треба да значи дека сè што се пласира таму е навистина издржан став или критичко мислење. Кај нас поголемиот дел од проблемот лежи во таа униформност на мислата. Секое општество определува некаков стандард за тоа што значи да се биде интелектуалец. Нашето општество кое е длабоко партизирано, клиентелистички ориентирано кон домашните и надворешните центри на моќ, изнедрува на површина интелектуалци кои својот подем го доживуваат единствено преку преповторување на официјалните државно-политички ставови. Тие повеќе служат како алиби за некаква одлука или постапки, отколку за анализа и проверка на некаква одлука или постапка. Јалови интелектуалци се тоа, какви што се и нивните дела преточени во практики кои веќе со децении ја разјадуваат државата. Поради тоа кај нас просторот за дебата всушност никогаш не постоел. Не може да кажеме дека постои рамноправна борба на мислења, кога практиката покажува дека властите ќе ја послушаат само онаа страна која што им дава алиби за некаква нивна замисла која што треба да се оствари.

Како „стоиме“ на оваа тема со панелисти? Наоѓате ли лесно соговорници со цврсти ставови за граѓанско општество, ослободени од партиски пранги и опасност од губење на работно место ако не размислуваат како стадото?

– Изненадувачки е, но сепак сè уште има личности кои се оличие на мислата на Фром: „Се бунтувам значи постојам“. Никогаш во историјата немало период каде гласот на критиката бил потполно задушен, па така истото не може да се изведе ниту денес. Од она што го гледам во јавноста, сè почесто се среќаваат личности кои што отворено разговараат за сите теми. Тоа веројатно се должи на фактот што ние како општество сме до толку мртви и нефункционални та веќе нема сила која што може да нè заплаши. Што може веќе еден македонски граѓанин да изгуби? Работата која што ја замразил, живеачката на работ на сиромаштијата или под тој раб? За жал во нашето македонско општество видовме дека дури и човечкиот живот е безвреден пред партиските зделки и тендерските местенки! Токму затоа мислам дека сè повеќе ќе гледаме и слушаме критички истапи, па дури и конкретни политички потфати за менување на моменталните состојби.

Тоа е всушност една историска, дијалектичка закономерност каде општествената апатија прво преоѓа кон општествена трагедија, која пак го раѓа романтизмот за минатите дни и утописките сништа за идните дни. Штом тие сништа ќе се родат, само прашање на време е кога ќе се случи некаков пресврт на политичката сцена. Поинаку кажано, граѓанинот кој бил апатичен и незаинтересиран, ќе ја доживее трагедијата на неговата незаинтересираност за општествените теми. Со полна жестина ќе почувствува како сè околу него се руши делумно како резултат и на неговата незаинтересираност или кусоголедост, таа трагедија ќе го поттикне да жали за минатото или пак да сонува за иднината. Скоро потоа ќе се охрабри да преземе нешто бидејќи кажано со зборовите на Даме Груев, подобро е ужасен крај отколку ужас без крај.

Како ја издадовте книгата? Каков е интересот на издавачите за вакви дела?

– Доколку говорам за оние класични издавачки куќи, не би можел точно да кажам бидејќи никогаш не сум ни стапил во контакт со некоја од нив. Јас сум човек кој живее за да пишува, а не пишува за да живее, односно сум се определил да не бидам комерцијален автор. Едноставно си ја сакам слободата на израз, слободата на дејствување, слободата сам да определам цена за својот труд и на крајот од денот слободата да го подарам тој труд бесплатно на заинтересираната публика. Тоа не е можно доколку играте во играта на класичните издавачи. Како издавач на мојата книга се потпиша фирмата „Едумедиа“, односно Емануела Додева, која е силен поддржувач на мојата работа воедно и одличен пријател. Таа си задала една навистина хуманистичка цел, формирајќи една мала фирма која во иднина се надевам ќе расте, а е посветена меѓу другото и на промоција и афирмација вредностите кои веќе одамна се изгубени – науката, истражувањето, воспитанието и образованието.

Сподели