„Ничија земја“ на МНТ ќе го отвори новиот фестивал „Acting Europe – Театар без граници” во Ќустендил

Македонскиот народен театар вечерва ќе го отвори новиот Европски фестивал „Acting Europe – Театар без граници”, кој до 21 септември ќе се одржи во Ќустендил, Бугарија. Претставата е по текст на Данис Тановиќ, во режија на Александар Морфов, а играат: Сашко Коцев, Тони Михајловски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Борче Начев, Оливер Митковски, Софија Насевска-Трифуновска Александар Михајловски, Томе Станковски, Александар Ѓорѓиески, Ненад Анѓелковиќ, Никола Стефанов, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Ивановски и Марија Кондовска.

Првото издание на фестивалот „Acting Europe – Театар без граници” ја нагласува улогата на меѓукултурната разновидност на европската театарска сцена, преку претставување класични и современи продукции од различни земји.

„МНТ со задоволство ја прифати поканата да го отвори првото издание на новоформираниот меѓународен фестивал во Ќустендил, чија мисија е да прерасне во активна европска сцена за уметничка размена, меѓукултурен дијалог и заедничко креирање, поттикнувајќи ја соработката помеѓу театарски ансамбли, режисери, актери и сценски работници од регионов. Фестивалот има убава цел ̶ да создаде жива европска сцена, над националните и културните рамки, со идеја да постави основа за долгорочен и меѓународен уметнички дијалог”, вели Никола Кимовски, директор на МНТ.

Како што велат организаторите, фокусот е насочен кон копродукции создадени или адаптирани во духот на меѓународната соработка, кои го демонстрираат потенцијалот на вмрежување, интердисциплинарни пристапи и обединување преку границите.

Во првото издание ќе учествуваат реномирани театарски куќи од Македонија, Србија и Бугарија, кои ќе ја презентираат својата работа пред меѓународната публика.

Разновидната придружна програма, пак, ќе понуди низа професионални и културни активности насочени кон едукација, инспирација и професионална размена. Ќе се одржат работилници и обуки со претставници на Генералниот директорат за образование и култура на Европската комисија од Брисел, и тоа на теми посветени на европско финансирање и мобилност за театри, како и на новите трендови и предизвици поврзани со дигиталниот, одржлив и колаборативен театар во 2025 година.

Во рамките на програмата ќе се одржи и тркалезна маса со режисери, актери и културни менаџери од регионот, изложби на сценографија, костими, постери, фотографии и архивски материјали, проекции на документарни филмови посветени на театарскиот живот и прекуграничната културна соработка, презентации на студентски проекти и настапи на млади уметници од академиите за сценски уметности, како и креативни настани и неформални средби, кои ќе поттикнат создавање нови партнерства и можности за соработка.

Настанот се реализира под покровителство на Европската Унија, со поддршка на Претставништвото на Европската комисија во Бугарија, општина Ќустендил и Сојузот на артисти во Бугарија.
Гостувањето на Македонскиот народен театар се реализира со поддршка од Министерството за локална самоуправа на Македонија, во рамки на Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија, финансирана од Европската Унија преку интегриран развој на прекуграничниот регион.

Сподели