Промоција на капиталното дело „Совршен поет“ со поезијата на Игор Исаковски

Собраните стихови на поетот, прозаист, уредник и преведувач Игор Исаковски (1970-2014), во издание на „Или-Или“, ќе бидат промовирани утревечер во 20 часот во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје. Приредувач на „Совршен поет“ е Елизабета Баковска.

– Издавачката куќа „Или-или“ го објавува ова, во многу аспекти и поради многу причини, посебно и капитално дело: собраните стихови на поетот, прозаист, уредник и преведувач Игор Исаковски (1970–2014). Овој извонреден издавачки потфат се случува десетина години по ненадејната и прерана смрт на Игор, во годината кога тој ќе наполнеше педесет и пет години. Можеби ќе звучи сувопарно ако овој текст го започнам со редење биографски податоци, но во случајот на Игор, тоа е еден неопходен вовед за ние што го знаеме накратко да се потсетиме, а оние што не го знаат барем малку да видат колкава беше фуриозноста и големината на неговата креативна сила, и колкав беше обемот на неговото дело (…) – вели Баковска.

Таа додава дека „препрочитувањето на поезијата на Игор за неа било еден долготраен, тегобен и мачен, но едновремено и неверојатно просветлувачки процес, едно од оние животни искуства кои некако го менуваат човека. Читањето на овој обемен корпус стихови што се мрачни, љубовни, еротски, безобразни, сурови, цинични, алкохолизирани, повторливи, баладни, епски, сатирични, филозофски, осамени, гневни, возбудливи, ритмични, екстатични, телесни, отуѓени, бунтовни, помирливи, животворни, смртоповикувачки, разурнувачки, бесни, смирувачки, роморливи, обилни, но никако невпечатливи, рамнолиниски и занемарливи, беше едно повторно, длабоко медитативно соочување со она што за (во и од) Игор беше поезијата: „чувствено продирање низ суштината“ (…)

Го завршувам своето препрочитување со мислата дека сите зборови собрани овде се всушност една голема света книга, послание за еден фанатичен поетски аџилак, за една целоживотна потрага по душата и во душата на еден поетски аскет, на еден совршен поет.“

 

Сподели