Необичниот свет на Катја

Ви го споделуваме победничкиот расказ на конкурсот „Читањето е супермоќ“ што го организираше издавачката куќа „Арс Ламина“. Во конкуренција на 150 ученици, петтоодделенката Катја Вујовиќ од ОУ „Лазо Ангеловски“ од Скопје, заедно со својата менторка Лидија Божиноска, го освоија првото место. 

Си било еднаш едно девојче по име Катја. Таа живеела во Скопје, а можеби во Битола, Трпејца, Виена, на Хималаите или каде што ќе си замислите. Катја била обично 10-годишно девојче, исто како и другите девојчиња на нејзина возраст. Сакала да излегува со другарките за да си игра пред зграда или во школскиот двор, сакала да игра одбојка, обожавала животни, но најмногу од сѐ сакала да чита. Уживала да ги убеди родителите да ја однесат во омилената книжарница, која била голема и полна со најразлични книги – големи, мали, тенки, дебели, со тврди корици, шарени букви, возбудливи наслови. Таму со часови ги разгледувала книгите, го чувствувала нивниот мирис, за на крај пресреќна и возбудена да си замине со една, две, дури и три книги во рацете. А потоа дома читала со часови за најразлични луѓе, интересни места, необични настани, замислени земји…

Едно сосема обично петочно утро додека била на часови, Катја се договорила со нејзините најдобри другарки Сара, Делфина и Тина да излезат надвор по завршувањето на часовите за да си поиграат. Ништо не изгледало дека тој ден ќе биде поинаков од обично. Катја стигнала дома, го оставила ранецот во ходникот, ја извадила училишната униформа и почнала да се подготвува за дружбата со другарките. Пред да излезе од дома, застанала пред огледалото за да се исчешла. Случајно се сопнала од заборавениот школски ранец во ходникот и паднала кон огледалото. За миг, помислила дека ќе го искрши на милион парчиња. Но, чудо – наместо да го скрши, Катја преминала од другата страна.
Одеднаш се нашла во еден нов, неверојатен свет. Првото нешто што го забележала биле необични, големи цветови кои имале лица, гласно пееле и интересно танцувале во ист ритам. Сонцето на небото исто така имало насмеано лице, а од сончевите зраци се штитело со очила за сонце. Покрај цвеќињата се тркалале јаболка, а кога се приближиле до Катја таа забележала дека тие не се тркалаат, туку дека трчаат. Малку подалеку се ширело сино море во кое пливале сирени со долги коси и шарени перки со бои кои се прелевале на сонцето. Овој необичен свет на почетокот многу ја исплашил Катја. Но, кога се смирила малку, се охрабрила и почнала да се движи по каменестата патека.

Токму кога Катја си помислила дека местото не може да биде почудно, пред неа се појавила една голема змија. Змија што зборува. Но не зборувала било како и било што, туку зборувала во рими. Змијата ѝ се обратила на Катја:
„Патот до кај тебе дома го нема, се скри,
ќе ти го покажам ако на прашања одговориш три.“

Катја се двоумела малку, но сфатила дека нема што да изгуби и дека можеби тоа е единствениот начин да се врати дома. Затоа се согласила.
Змијата веднаш почнала со прашањата.
„Земјата на чудата таа ја слика,
кажи ми девојчето како се вика?“

Катја веднаш се сетила на лектирата што ја обработувале пред само неколку дена во училиште. Задоволна, со скриена насмевка извикала:
– Да, секако дека знам. Девојчето се вика Алиса!
Змијата задоволно се насмевнала и продолжила со испрашувањето.
„Најпознатата љубовна приказна е многу тажна,
за нив двајца таа беше многу важна.

Ако момчето Ромео се вика,
која е девојката од чие срце љубов за него блика?“.
– Јулија – без двоумење одговорила Катја, сеќавајќи се на возбудливата книга од изданијата на „Шекспир за деца“.
Сега веќе змијата била изненадена од знаењето на Катја и со сите сили се трудела да смисли последно прашање. Најпосле почнала:
„Носот му расте голем кога лаже,
сите знаат дека е лажго, без никој да им каже“.
– Дрвеното момче Пинокио – веднаш извикала Катја бидејќи се сетила кога на сестра ѝ и ги читала авантурите на немиркото Пинокио.

Змијата била многу задоволна од одговорите на Катја.
– Се гледа дека си прочитала многу книги. Бидејќи точно одговори на сите мои прашања, сега ќе ти го покажам патот до дома – ѝ рекла змијата.

Тргнале и оделе по каменестата патека сѐ додека пред нив не се појавило истото огледало. Змијата ѝ покажала повторно да помине низ него, по што Катја пак се нашла во ходникот, до оставениот школски ранец. До ранецот, на подот, бил нејзиниот мобилен телефон кој сигурно ѝ паднал кога преминала низ огледалото. Го отклучила и видела над 30 пораки од другарките, лути затоа што доцни на договорената средба. Катја се насмевнала и им испратила порака:
– Извинете многу, но нема да излегувам. Ќе останам дома да читам!

Сподели