Ненад Хераковиќ, актер: Ние на Балканот можеме и кога не можеме

Не знам што е рецепт за добар филм, но знам дека треба да има добар режисер, добро сценарио, добри глумци и добра продукција, тоа се основните услови – вели Хераковиќ, кој игра една од главните улоги во „Јужен ветар 2: Забрзување“

Пишува: Александра Јуруковска

Ние немаме континуитет, малку сакаме семејни филмови, па потоа насилство, па комедии. Не знам што е рецепт за добар филм, но знам дека треба да има добар режисер, добро сценарио, добри глумци и добра продукција, тоа се основните услови, вели Ненад Хераковиќ, српски актер познат на публиката најмногу по улогата на Драгослав Михајловиќ-Вампир во култниот филм „Монтевидео, Бог те видео“.

Хераковиќ работеше и на филмовите „Александар од Југославија“, „Радио Милева“ и „Авионџии“ од последниве неколку години. Во моментов е актуелен со „Јужен ветар 2: Забрзување“  (Јужни ветар 2: Убрзање), кој се прикажува и во нашите киносали. Неодамна, второто продолжение ја имаше и македонската премиера. По неа, разговаравме за тоа што значи искуството од работата на хит-филм во регионот, но и воопшто за состојбите во српската и балканската кинематографија.

Ненад Хераковиќ (фото: Синеплекс)

Како помина премиерата и колку втoриот дел е сличен на првиот? Колку од ликовите остануваат, исчезнуваат или пак се појавуваат нови?

– Вториот дел се базира на првиот дел на „Јужен ветар“ кој беше голем хит. Многу од ликовите ги нема, исчезнуваат, убиени се и слично. Инаку, јас навистина бев голем фан на првиот дел и бев пресреќен што сум дел од екипата на вториот дел. Короната направи навистина голем проблем со киното. Јас сум вљубеник во старото добро кино, во тоа филмовите да се гледаат во кино. И атмосферата и доживувањето во кино се подобри. Но ако филмот е добар, уживањето е секаде исто. Вториот дел го погледнаа повеќе од 400 илјади гледачи за две недели, што е феномен. Филмот се прикажува во Србија, Хрватска, Босна, Црна Гора, Македонија. Имавме премиера во Виена, во Цирих и патувавме доста низ цела Србија.

Какво Ви беше искуството со колегите и со режисерот ?

– Прв пат работам со Милош Аврамовиќ, бев нов во екипата, но беше супер искуството. Кога режисерот е и продуцент тоа е добро за глумците. Иако работевме на доста непријатни места, со дожд, студ, сепак беше супер. По подолго време ова ми беше поголем успешен проект и возбудата и еуфоријата можам да ги споредам со атмосферата кога го работевме „Монтевидео, Бог те видео“. Во Скопје филмот на премиерата го видoа 1.500 гледачи, следејќи ги мерките против ковид-19.

Што го прави хит еден филм?

Во Србија се популарни крими сериите, приказните за полицајци, за мафија. Ние немаме континуитет, малку сакаме семејни филмови, па потоа насилство, па комедии. Нашиот филм е хит најпрво поради првиот дел, што помина одлично. Не знам што е рецепт за добар филм, но знам дека треба да има добар режисер, добро сценарио, добри глумци и добра продукција, тоа се основните услови.

Сцена од „Монтевидео, Бог те видео“

Каква е состојбата во српската кинематографија? Ве погоди ли ситуацијата со короната, се одрази ли на вашата фела?

– Во Србија во последните 4-5 години се снима многу повеќе отколку порано. Се снимаат и филмови и серии. Од оној период кога имавме скромни 5 до 10 производи, сега буквално имаме околу 40 наслови годишно. Во филмот се вложува многу. Има и доста странски продукции кои доаѓаат во Белград и наоколу. Јас скоро работев на два странски проекта. Нашата кинематографија доживува експанзија, а тоа е добро за сите филмски работници. Странците многу често нè фалат дека сме добри, посебно ги фалат нашите колеги од зад камерите, дека се одлични филмски работници. Тие само нека доаѓаат, а ние ќе си го работиме нашето.

Што мислите за балканската или т.н. екс-ју кинематографија? Колку можеме да се носиме со европската или холивудската продукција?

– Ние на овие простори докажавме дека можеме и кога не можеме. Најважно е да се направи тим, подготовка и стратегија за блокбастер со универзална тема. Тоа би било силен влез или впечаток за балканската продукција. Секако дека можеме. Важни се парите, подготовката и луѓето. На пример Милош Аврамовиќ го подготвуваше „Јужен ветер“ цели 7 години. Значи, изводливо е. Ние, Балканците можеме сè, само доколку ни дадат средства.

Сподели