Не сум сретнал досега луѓе што толку си ја сакаат работата, како овчарите во сите земји каде што снимавме

Сакам луѓето да сфатат каква вредност имаат животните за сите нас – не само како миленици, како котлета или како извор на млеко, но како пионери во нашата цивилизација, која дефинитивно ќе се развиваше многу поразлично без овците, вели Марвин Енхолт, режисер на „Планета на овците“

„Планета на овците“ е германско-македонска копродукција чија премиера е закажана за вечерва во 20.30 часот во Кинотеката на Македонија во Скопје. Премиерата е во рамките на фестивалот ,,Синедејс”. Македонија е копродуцент, преку Trice Films и Атанас Георгиев. Разговараме со режисерот Марвин Енхолт, кој го сними филмот во неколку држави. Тој е познат германски документарист, а во Скопје е дојден да го промовира својот филм. Со него поразговаравме за идејата да го сними филмот.

– Забележав дека досега не е направен филм за овците во кој ќе се укаже почит кон животните на начинот на кој јас си замислував. Сакав да го употребам филмот и да им дадам на овците внимание што го заслужуваат во моите очи. Сакам луѓето да сфатат каква вредност имаат животните за сите нас – не само како миленици, како котлета или како извор на млеко, но како пионери во нашата цивилизација, која дефинитивно ќе се развиваше многу поразлично без овците.

Режисерот објаснува дека прво му требало да пронајде продуцент што ќе го инфицира со неговиот ентузијазам на темата. Одлучиле да најдат меѓународни копродуценти, а за обезбедување на буџет за филмот им требале околу две години.

Филмот е снимен во: Македонија, Германија, Англија, Италија, Шпанија и Етиопија.

-Во две држави – Кина и Шкотска, можевме, за жал, да снимаме оддалеку, поради ковид-пандемиајта, што значи дека локален тим снимаше таму по нашиот брифинг.

– Најфасцинантно ми беше да видам колку неверојатно адаптабилни се животните и при какви целосно различни климатски и географски услови тие можат да живеат – и колку блиска и важна може да биде врската помеѓу луѓето и животните на многу континенти. И уште нешто ме фасцинираше дека во ниеден друг филм не сум сретнал толку многу луѓе што се толку задоволни и среќни со нивната работа и горди на тоа што се овчари, без разлика во која земја живеат – вели Енхолт.

Атанас Георгиев

Тој објаснува дека соработката со нашиот продуцент Атанас Георгиев била и со големо задоволство, но и од помош.

– Атанас, како копродуцент, одигра суштинска улога во тоа да направи да биде возможно да се реализира овој филм и тој исто така ни помогна да можеме да снимаме во Македонија. Баравме архаична форма на овчарство во Европа и Атанас не запозна со формата на овчарство што со векови била практицирана во битолскиот регион. Атанас и Димитар Оровчанец, кој подоцна работеше како наш продукциски менаџер и ко-режисер, ги истражуваше протаностите. Димитар тогаш го сними тргањето на овчарите и ние им се придруживме подоцна за последните фази од патувањео. Снимањето беше апсолутно совршено подготвено и организирано – баш по моја мерка. Многу се надевам дека можеме да продолжиме со ваква соработка и на други проекти – вели режисерот.

Како му се случи овој проект на нашиот продуцент и монтажер Атанас Георгиев. Вели дека од своите почетоци како филмаџија, патувајќи по светот, пронаоѓајќи се себе и сретнувајќи се со луѓе кои размислуваат преку слики, особено значајни му биле средбите со автори што работат на проблематики од животната околина и на некој начин прават нешто повеќе за планетата, ја разбираат природата.

– Отсекогаш сум сакал да бидам дел од вакви проекти. И обично јас сум бил тој што оди и ги бара соработниците, но овој пат се случи обратно, на мое големо задоволство. „Медена земја“ беше штотуку завршен, а Кристијан Калер, главниот продуцент на Heide Films и Berlin producers, две компании од Германија кои имаат многу проекти зад себе, допатува од далеку за да се сретне и да побара помош од мене и лично да ми го презентира неговиот проект, каде што еден сегмент би се снимал и во Македонија. Насловите на филмови кои беа во продуцентските биографии на тимот околу Келер, се поврзани со имиња како Жанфранко Роси, Виктор Косаковски и уште неколку други автори од кои многу сум учел низ годините – раскажува Георгиев.

Брзо нашле заеднички јазик и вели дека му е најдраго што работи на проект кој обработува големи теми.

– Сепак, животната средина, ресурсите и климатските промени се планетарно значајни теми, кои во овој филм се разработени низ призма, замислете, на овцата. Животното на кое најчесто се гледа со подбив, тука е главен протагонист кој ни се покажува во сосема поинаква слика, различна од нашите вековни предрасуди, и не води на пат околу светот појаснувајќи ни многу значајни – антрополишки, економски, општествени па и митско-архетипски дилеми – објаснува Георгиев.

Од кај нас е вклучена комплетна документаристичка екипа. Атанасов како ко-продуцент, проф. д-р Ферид Мухиќ како консултант и истражувач, Димитар Оровчанец како менаџер на продукција и ко-режисер на македонскиот дел од снимањето, Душан Кардалевски – снимател, Ивица Јанкуловски -тонски снимател, повеќе преведувачи, асистенти, теренски возила, техника…

– Македонија изобилува со пасишта и совршена природа за одгледување различни стада животни. Кога сме кај овците, кај нас има некои ретки врсти, кои се обработени во овој филм, но не само тоа, туку и начинот на кој ти се одгледуваат е специфичен и уникатен. Го следевме патот на тие овци од Полог – битолско, до падините на село Врбјани – охридско. Две недели пешки низ планини…100км со прекрасно друштво и ретки ситуации од кои се изроди одличен филмски материјал – раскажува продуцентот.

Филмот вечерва ќе биде прикажан на ТВ Арте.

Сподели