Не сме свесни дека фестивалот „Браќа Манаки“ е олимпијада или светско првенство во филмот

Прво што знам дека мора да биде подобро е финансирањето. Не може да правите богата торта без соодветни намирници и ако немате пари, тортата ќе биде импровизирана. За голем фестивал треба многу пари. Овој фестивал со финансии од 250.000 – 300.000 евра ќе биде одличен. И второ – треба врвен тим – ова се двата клучна фактори кои според Симеон Мони Дамевски, директорот на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, ќе го направат и подобар. Со македонската премиера на филмот „Домаќинство за почетници“ вечерва ќе започне 44. издание на фестивалот. Разговараме со Дамевски, кој пролетва ја доби поддршката за втор мандат од две години од Друштвото на филмските работиници на Македонија.

На прагот сме на новото издание на фестивалот. Исклучително богата програма е во најава, со гости од секој филм во официјалната програма. Што да очекува публиката годинава?

– Публиката ја очекуваат прекрасни филмови и извонредни визуелни доживувања. Филмовите ги имаат разновидните теми – семејството, животот, цивилизацискиот судир на човекот со технологијата, последиците од нив. Јас, за жал, не сум ги гледал сите, гледав инсерти, практично тие филмови се достапни по фестивалите, а јас имам премногу работа за да можам да ги гледам сите и да одам по фестивали. Во последните две години и не сакав премногу да одам по фестивали и да трошам, зашто моравме да штедиме.

„Браќа Манаки“ е бренд во светот на филмот. Ви се случува ли да треба да ги убедувате кинематограферите и другите гости за да дојдат во Битола?

 – Не. Би сакал секој од нас овде од оваа земја и да види колку го знаат и почитуваат фестивалот, кога ќе го спомнеме во цел свет. Ние не сме свесни дека имаме олимпијада или светско првенство во филмот. Сите кажуваат дека биле или сакаат да дојдат. Тоа е многу важно кога се зборува за вас.

Годинава добивте нов мандат. Каков е фестивалот во вашата визија за наредните години?

 – Поубав, поголем. Јас секогаш сакам убави нешта и не се задоволувам со малку. Но, моите апетити се големи во визуелна смисла, јас сум естет. Сакам Битола да е убава, да имаме најдобри гости и домаќини.

Сметате ли дека студентите од драмските и филмските факултети/академии треба да ги имате на фестивалот повеќе?

– Апсолутно! Студентите на овие академии кај нас не доаѓаат доволно на фестивалот и тоа зборува за една незаинтересираност. Сите ние сме господари на својата судбина и никој не може да ве натера со сила да одите на фестивал. Но, тие млади што оделе и се интересирале, доаѓале и на „Манаки“, сега се најуспешни режисери и кинематографери. Нема друг начин, не може да терате само по кафулиња, да терате муабети, да се занимавате со глупости и да мислите дека така ќе бидете уметник. Самир Љума не живее веќе во Македонија, Тамара Котевска, исто така. Фејми Даут живее во Македонија, но работи надвор. Атанас Георгиев, продуцентот на „Медена земја“, не живее во Макдонија. Тоа се луѓе што секогаш патувале по фестивали, сакале да научат повеќе, оделе по работилници и благодарение на тоа, стигнале кај што се. Нема успех без работа, без постојана желба да учиш и да следиш што се случува во уметноста на која ù припаѓаш.

Има ли нешто што вие како филмски уметник и како прв човек на фестивалот би сакале да го промените на фестивалот?

– Прво што знам дека мора да биде подобро е финансирањето. Не може да правите богата торта без соодветни намирници и ако немате пари, тортата ќе биде импровизирана. За голем фестивал треба многу пари. Овој фестивал со финансии од 250.000 – 300.000 евра ќе биде одличен. И второ – треба врвен тим. За тоа повторно треба пари. Соодветно да го платите. Тим што ќе созрева и нема да се менува секоја година. Професионалци што ќе се посветени на тоа.

 

Сподели