Во Синагогата во градот Ступава, Словачка денеска во 18 часот ќе биде отворена изложбата „Гласови“ (Voices) од мултимедијалниот уметник Страхил Петровски. Тој ќе се претстави со дваесеттина дела со огромни димензии, изработени во техниката акрилик на хартија или комбинирана техника на хартија, замислени и поставени како просторна инсталација. Куратор на проектот е Маја Чанкуловска-Михајловска.
– Круцијалните прашања кои Петровски како мултидисциплинарен уметник ги поставува во своите дела носат хуманистички предзнак, односно тој во (речиси) сите негови реализации постојано поаѓа од анализата на сите оние индивидуални-општествени прашања кои во својот центар го имаат човекот и, се разбира, неговата интеракција и влијание како човек и уметник со/врз она што се нарекува човечност – вели Чанкуловска-Михајловска.

Страхил Петровски е роден во 1974 година во Куманово. Дипломирал сликарство во 1997 година на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 2000 година завршил постдипломски студии на истиот факултет. Реализирал 18 самостојни изложби во Скопје, Куманово, Охрид, Тетово, Виена, Париз, Белград, Њујорк, а учествувал на 75 групни претставувања.





