Не случајно фреската од Полошкиот манастир е избрана за корицата на „60 икони на Мајката Божја“

Промоцијата на македонскиот превод на книгата од Аријан де Сен-Марк се одржа пред повеќе од 200 гости во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје

„Кога ќе влезете во византиска црква и сакате да се молите, секогаш одите на исток, блиску до иконостасот и олтарот. А кога ќе се свртите кон запад, секогаш на ѕидот ја гледате фреската Успение на св. Богородица. Јас сум пред сè уметник, не сум писателка, а мојот интерес за христијанството и византиската уметност се случајни“, рече авторката Аријан де Сен-Марк на вчерашната промоција на нејзината книга „60 икони на Мајката Божја“ на македонски јазик што се одржа во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје.

„60 икони на Мајката Божја“ е внимателно селектирана и богато анализирана збирка иконографски претстави на Богородица од 7 до 15 век. Делото ги опфаќа клучните иконографски типови на Мајката Божја, нивниот теолошки, уметнички и историски контекст и нивната улога во византиската и западната традиција.

Пред повеќе од 200 присутни гости на промоцијата таа се заблагодари за поканата да ја посети Македонија и раскажа како почнала нејзината приказна.

– Никој некогаш не ја истражувал оваа тема обединувајќи ја источната и западната уметност. Ја побарав Елизабета Димитрова, голем византолог и така почна нашата авантура. Оттогаш 20 години ги истражувавме црквите, манастирите, музеите во Македонија и регионот. Патував од Финска до Етиопија – рече Де Сен-Марк.

Книгата е издание на „Ултра“. Проф. д-р Димитрова е авторка на предговорот кон македонското издание. Таа се осврна на содржината на книгата, направи стручна анализа на избраните претстави на св. Богородица и сеопфатно го претстави трудот на Де Сен-Марк. Димитрова се задржа на фреската избрана корицата на книгата.

– Фреската на „Успение на св. Богородица“ во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Полошко не е случајна и таа е најрепрезентативна од сите 60 примероци. Тука Христос ја напушта својата божествена аура за да ја бакне својата мајка која спокојно спие – рече Димитрова.

Таа нагласи дека македонското издание немаше да се случи без поддршката од Анита Антова-Пешева под чие покровителство е преведена и објавена книгата. Таа пак рече дека теренските истражувања и патувањата ѝ отвориме многу видици културното наследство што го поседуваме.

– Да му покажеме на светото што сè имаме. Се надевам и другите компании ќе одат по нашиот пример. Треба да разбереме дека и нашиот сектор да го поддржи ова – рече Антова-Пешева.

Преведувач и уредник на книгата е Тихомир Јанчовски. Ова е негов последен труд, откако ненадејно почина кон крајот на февруари. Промоцијата беше и еден вид омаж на неговото творештво и дело, на сиот негов живот кој пред присутните го претстави неговиот долгогодишен пријател Сашо Гигов-Гиш.

– Чест и тешка должност е да кажам неколку реченици за Тихомир. Беше човек од перо, човек од збор, човек на зборот. Неговото творештво ќе остави длабок печат во македонката култура и литература – рече тој.

„60 икони на Мајката Божја“ е длабинска интерпретација на симболиката, стилските карактеристики и духовната димензија на иконите, претставувајќи ја Богородица како централна фигура во христијанската уметност и духовност низ вековите. Книгата е напишана за поширока публика, да им случи и на оние со понапредни познавања од историјата на уметност, и на почетниците. Аријан де Сен-Марк е авторка и истражувач посветена на изучување на византиската и средновековната христијанска уметност. Нејзината работа се фокусира на иконографијата, духовната симболика, културното наследство поврзано со православната традиција, со посебен акцент на претставите на Богородица.

Сподели