Секој петок на Академската сцена на ФДУ ќе има претстава или проекција на филм, а потоа вечерта ќе продолжи со музика – донираните средства ќе бидат наменети за лекувањето на Леонид Индов
Донаторска акција организираат студентите на Факултетот за драмски уметности во Скопје и го посветуваат месецот февруари на талентираниот средношколец Леонод Индов кој летово доживеа тешка несреќа. Секој петок ќе има претстава или проекција на филм, а потоа вечерта ќе продолжи со музика. Парите кои публиката ќе ги донира на настаните ќе бидат наменети за Леонид, ученикот во Математичко-информатичката гимназија кој со своите другари изработија апликација што го анализира и проучува движењето на Меѓународната вселенска станица и го освоија првото место на меѓународниот натпревар NASA Space Apps Challenge.

Настанот го организираат студентите Христијан Ристески, Тина Величковиќ, Марко Младеновиќ и Мартина Птереска.
– Нè допре приказната на овој млад човек кој има постигнато толку многу за образованитео во Македонија. Затоа решивме да ја организраме донаторската акција. На претставите и проекциите ќе има кутија за донации. Обично претставите ни се многу посетени, очекуваме и овој месец да биде исто. Сезоната ја отвораме во петок. Дојдете и донирајте за Лео – вели Ристески.

Сцена од „Нешто слатко“
Првата претстава (9 февруари) е „Да го поздравиш и да ми го бациш“ на „Артопија“, во режија на Билјана Радиноска. Следува диџеј сет на Emily Nas. На 16 февруари ќе биде прикажан филмот „Нешто слатко“ во режија на Тин Водопивец, по што ќе има диџеј сет на Dope Kukjata. На 23 февруари ќе биде прикажан „Домаќинство за почетници“ во режија на Горан Столевски со диџеј сет на Гоце Саф и Чваре. На 1 март ќе бидат изведена сцени од „Вишновата градина“ од А. П. Чехов, испит по предметот Актерска игра 3 на студентите на отсекот Драмски актери во класата на проф. м-р Зоја Бузалковска и доц. м-р Александар Степанулески. Музичката програма за месецот ќе биде заокружена со официјално враќање позади диџеј пултот на добро познатото трио што се крие во „Професорите пуштаат музика“.

Сцена од „Вишновата градина“ / Фото: Борис Каески
Леонид Индов во тешка несреќа летово доби повреди на ‘рбетот и по комплексната операција, неговиот живот сè уште е во опасност. Како последица на повредата не може да ги движи рацете и нозете. Потребни се дополнителни финансиски средства за неговото тековно лекување за да ја врати способноста да се врати на училиште.

Неговите другари велат дека Лео секогаш ги инспирирал со својата позитивна и нежна природа, неговиот спортски дух и неговите достигнувања. Пред еден месец неговото семејството ја пренесе новогдишна порака на Лео дека во новата година влегуваат со надеж, желба и борба за негово опоравување.
Во меѓувреме, отворени се донаторските линии и жиро-сметки за помош на Леонид:
1. Јавување на телефонските броеви
Т-мобиле: 143-118
А1: 143-500
2. За уплата од Македонија: 210-7000006805-91 НЛБ Банка
3. https://gofund.me/2400b373
Насловна фотографија: Борис Каески





