„Градец – природа, историја, традиција, култура“ беше насловена научната конференција која деновиве се одржа во истоименото кривопаланечко село. Конференцијата беше посветена на природата, историјата, традицијата и културата на селото, поточно на специфичниот микрогеографски и антропогеографски простор наречен „Градечки Чуки“ распослан во селата Градец, Габар, Баштево, Осиче и Лозаново од Кривопаланечко (Славиште).

– Целта на конференцијата е да претстави нови стручни моменти како и резултати од теренски истражувања и научни експедиции од областа на природата (биодиверзитетот), културното наследство (археологијата, етнологијата, фолклор, историјата, историјата на уметност и архитектурата) и туризмот кои се однесуваат на овој специфичен Кривопаланечки микрогеографски и антропогеографски простор – вели координаторот Драган Величковски.
Организатор на конференцијата е Здружението „Кластер за туризам“ од Крива Паланка со со поддршка на Министерството за култура, општината и Градскиот музеј од градот. Резултатите од научната конференција ќе бидат публикувани во стручното списание „Славишки зборник“, а ќе се користат како стручна основа за реализација на макро-проектот „Градец – природен и културно – историски парк“ којшто Градскиот музеј го визира уште од 2009 година.
Фото: Ѓорѓи Костовски





