Легенда за Кратово е инспирација за скулптуралната инсталација „Рада“

Легенда за Кратово е инспирација за скулптуралната инсталација „Рада“ од скулпторот Андреј Миневски која деновиве беше поставена во градот. Инсталацијата е изработена од рециклиран метал. Акцијата ја организираше Центарот за современи уметности од Скопје во соработка со општината и со финансиска поддршка од Министерството за култура.

Идејата за поставување на скулптурална инсталација во Кратово организиаторите ја добиле според приказната за мостот кој го граделе деветмина браќа, но преку ноќ, тој постојано паѓал. Една вечер браќата се договориле која од сопругите ќе им донесе ручек утредента, да ја заѕидаат во темелите на мостот, верувајќи дека тој повеќе нема да паѓа. Сите браќа им кажале на сопругите следниот ден да не им носат ручек, освен најмладиот кој заборавил. Последната желба на младата Рада била да и ја остават десната града, за да го дои малото дете.

– Оттогаш до денес се прераскажува легендата за младата Рада, која е заѕидана во темелите на „Радин мост“ кој оттогаш се нема урнато. Кратово е град на легенди и преданија, кој според кажувањата на старите лежи на бисаги злато кои Турците ги собирале во околните рудници. И денес небројани ентузијасти чепкаат по дворовите на старите куќи и плевни во кратовскиот регион. Иако преданијата за златото и азното од Кратово денес се сведени на легенди и приказни, за авантуристите Кратово некогаш било мал центар на светот – велат од ЦСУ.

Се претпоставува дека на денешната локација на градот Кратово многу одамна постоел град под името Кратискара. Под името Кратис или Коритон населбата се спомнува во византискиот период, а денешното име е добиено според местоположбата на градот во кратер на одамна изгаснат вулкан.

– Архитектурата на Кратово е карактеристична и типичната староградска македонска архитектура. Куќите се амфитеатрално поставени, со значително поголеми височини од долната во однос на горната страна. Претежно се двокатни, со надвиснати чардаци. Архитектурата на Кратово ја карактеризираат и тесните и стрмни улици, повеќе мостови, како и голем број традиционални занаетчиски дуќани и разни други индивидуални постари и понови архитектонски градби – велат организаторите.

Богатството од околните рудници, интезивната комуникација на луѓето во Кратово и неговата специфична поставеност во длабок дол придонела за градење мостови на Кратовска и Манцева Река. Кратовските мостови преставуваат соодветен израз на градителството во турскиот период кај нас. Во нив се вткаени вековните неимарски искуства на турско-словенското градителство. Тоа се мостови со витка линија, со главен лак, со прецизно изработена архиволата и имаат нагласена декоративна линија. Со обнова на занаетчиството и трговијата во 19 век, во градот се појавила потреба за изградба на нови мостови. Распоредени околу чаршијата, заедно со кулите, мостовите му даваат на градот средновековен лик и амбиент на град-музеј.

Сподели