Наташа Дукоска: „Лефти и Рајти“ се роди во ноќите пред заспивање на моите ќерки

Веднаш ми се допадна портфолиото на Хари Дудески, а како тој ја изведе целата сликовница, воодушевена сум. Текстот може да е фантастичен за сликовница, но ако нема кој да ги оживее ликовите, ништо не сте направиле – вели Дукоска, чија прва сликовница ќе биде промовирана во недела.

Откако почнав да размислувам на темата сликовница, кога влегувам во книжарниците го анализирам овој сегмент, бидејќи не сум во оваа целна група како мајка од пред неколку години. Забележувам хиперпродукција во оваа категорија кај нас, но она што исто така го забележувам, дека покрај неколку наслови кои што сите ги знаеме има многу непознати. Убави илустрирани, некаде и печатено со дебели корици, но мислам дека не се вложува доволно во создавање бренд – вели Наташа Дукоска, основач на пиар-агенцијата „Навигаторс“, а од неодамна и автор на прва своја сликовница за деца „Лефти и Рајти“. Идеја што и’ тлеела со години одлучила да ја претвори во нов свет и сликовница за која вели дека сигурно нема да и’ биде последна.

„Лефти и Рајти“ во издание на „Чудна шума“ ќе биде промовирана в недела во „Јавна соба“, придружувана и од две претстави за деца, со почеток во 13.30 и во 15 часот. Со Дукоска поразговаравме за идејата, предизвиците да влезе во овој нов свет, за соработката со илустраторот Хари Дудески…

„Лефти и Рајти“ е ваша прва детска сликовница. Како дојдовте до идејата? Дали одамна ја имавте во глава или?

– Да, моја прва сликовница и се надевам, не последна… Инспирацијата дојде во ноќите пред заспивање со моите ќерки Каја и Мајра кога беа малечки, сега веќе тинејџерки. Значи одамна, а идејата тргна од спонтаната приказна за топлинките на Каја, за кои измислував дека сме ги заборавиле кај соседите, но тие се сега изгубени, не знаат каде се, ја бараат Каја, сакаат дома. Така настана идејата дека и облеките имаат живот. Важно ми е да потенцирам дека оваа идеја се роди пред да го гледам цртаниот филм „Приказна за играчките“ (Toy Story).

Кои се Лефти и Рајти?

-Лефти и Рајти се главните ликови во серијалот на „Приказни за облеките“, каде, Лефти е белата блузичка, а Рајти се панталончиња со платкa. Се дружат уште од продавницата за деца, каде се наоѓаат на излог и држат среќа да ги купат заедно. Тоа и се случува и во оваа сликовница тие си наоѓаат дом, т.е. одат да живеат кај девојчето Мими. Понатаму следат разни перипетии…

Најавувате серија сликовници во соработка со „Чудна шума“. Може да ни откриете повеќе за идејата, дали сите ќе бидат обединети под серијалот „Лефти и Рајти“?

– Дефинитивно! Тоа е идејата. Како во случајот со приказните од моето детство и Марика. Марика лета со авион, Марика има нова кукла и сл. Ликовите се градат конзистентно и постојано се задржува перспективата на облеките и нивниот живот, само се менува контекстот.

Каква ви беше соработката со илустраторот Хари Дудески?

 – Билјана Црвенковска, уредникот на издавачката куќа „Чудна шума” умее да направи добар спој помеѓу автор и илустратор и токму затоа, „Чудна шума” е најдобрата и најрелевантна издавачка куќа на книги за деца кај нас. Кај неа, ништо не оди површно, влегува во содржините, ги познава ликовните уметници и нивниот сензибилитет, па така нема многу лутање. Веднаш ми се допадна портфолиото на Хари, а како тој ја изведе целата сликовница, воодушевена сум. Текстот може да е фантастичен за сликовница, но ако нема кој да ги оживее ликовите, ништо не сте направиле.

Промоцијата ќе ја збогатите и со претстава. Кој учествува во неа и дали ќе оди и посебно на репертоар во „Јавна соба“?

– Точно, првото водеше кон второто, односно спонтaно се роди и идејата за театарска претстава. Претставата е во продукција на маркетинг-агенцијата „Навигаторс” и на „Театар за тебе” – независен детски театар, кој има неколку успешни проекти зад себе. Белата блуза Лефти и панталоните ќе ги оживеат актерите Гоце Андонов, Ана Димитрова и Надица Дојкоска, во режија на Изабела Јакимова. Претставата останува до Нова година на репертоар, секоја недела..

Каква е според вас сликата по прашањата на сликовниците на нашиот пазар, во однос на теми, дизајн, достапност до децата?

 – Откако почнав да размислувам на темата сликовница, кога влегувам во книжарниците, го анализирам овој сегмент, бидејќи не сум во оваа целна група како мајка од пред неколку години. Забележувам хиперпродукција во оваа категорија кај нас, но она што исто така го забележувам, дека покрај неколку наслови кои што сите ги знаеме, има многу непознати. Убави илустрирани, некаде и печатени со дебели корици, мислам дека не се вложува доволно во создавање бренд. Можеби е во прашање професионална деформација, но мора да разбереме дека за книгата, како и за секој производ треба да се работи на создавање потреба од истата. Има начини… А најдобро може да ги пренесе оној кој што ги замислувал во глава.

Сподели