„А капела“ е насловена самостојната изложба на Стојан Павлески што синоќа беше отворена во Музејот на град Скопје. Мултимедијалната изложба може да се чита како визуелно поставен контекст во кој се активираат прашањата за идентитет, симболичко посредување и современи форми на колективна автоинструментализација/стигматизација, вели Вангел Ноневски, професор по естетика и филозофија во предговорот за изложбата.
– Она што се нуди не е завршено дело со стабилна смисла, туку семиотички лабилен контекст кој се конституира во зависност од позицијата, перцепцијата и културната заднина на набљудувачот. Така, инсталациите и визуелните сегменти не ја реконструираат архаичната арена на победа и пораз, туку ја разобличуваат како простор на посредувано искуство, во кое победата веќе одамна е одвоена од субјектот што трча. Наместо спектакл, ни се нуди дистанца; наместо патос, ни се нуди можност за деконструирање; наместо готова порака – провокација за мислење – вели Ноневски.
Изложбата се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам.





