НАкС: Сè помалку студенти, сè повеќе дипломи!

Во академската 2020/2021 година се запишани вкупно 50.881 студент на државните универзитети. Тоа е за околу 20 отсто помалку од бројот на студенти кои биле запишани во академската 2009/2010 , кога имало 63.437 студенти. Сепак, и покрај намалениот број на студенти, статистиката од Државниот завод за статистика, покажува дека должината на траење на студирањето е сé помала, а бројот на дипломирани студенти е сé поголем, велат од Независниот академски синдикат.
Ако во 90-тите години бројот на дипломирани студенти е 3.384, во 2021 година е 13.814. Бројот на магистри во 1991 година изнесувал 100, а денеска изнесува 1.533. Бројот на доктори на науки во 1991 година изнесувал 91, а денеска – 174.
– Македонија ја дочекува својата независност (1991) со два државни универзитети, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Универзитетот „Климент Охридски“ во Битола. На веб-страницата на Министерството за образование и наука (МОН), во листата на акредитирани високообразовни институции во 2021 година, стојат шест државни универзитети, 11 приватни универзитети и уште барем десетина приватни институти. Останува прашањето дали постои лојална конкуренција помеѓу УКИМ и останатите државни универзитети, и помеѓу државните и приватните универзитети и други високообразовни институции? Дали овие податоци упатуваат на девалвација на високото образование и колку Агенцијата за квалитет во високото образование се занимава со оценување на овие состојби и стандардизација на квалитетот – прашуваат од НАкС.

Сподели