Владите мораат да сторат повеќе за да ги затворат правните и процедуралните празнини поради кои милиони луѓе во светот се без државјанство или се раѓаат без државјанство, вели Филипо Гранди, Високиот комесар за бегалци при УНХЦР, Агенцијата на Обединетите нации. Според статистиката на УНХЦР, 4,2 милиони лица се без државјанство во 94 држави, но се верува дека реалната бројка е значително повисока.
Деновиве се одбележуваат седум години од почетокот на кампањата #ЈасПрипаѓам (#Ibelong). УНХЦР бара од владите да го забрзаат напредокот и да ги решат проблемите на лицата без државјанство во светот. Лицата без државјанство често немаат најосновни права, вклучувајќи ја и можноста да одат на училиште, легално да работат, да користст здравствени услуги, да стапат во брак или да го запишат раѓањето на своето дете.
УНХЦР ја почна кампањата #ЈасПрипаѓам во 2014 година за да привлече внимание и да крене глас за искоренување на оваа состојба. Повеќе од 400.000 лица во 27 држави добиле државјанство, а десетици илјади лица во Азија, Европа, Африка и Северна и Јужна Америка се во процедура да добијат, како резултат на новоусвоените законски измени. Во изминатите седум години, 29 држави ги ратификувале Конвенциите за лицата без државјанство.
– Нè охрабрува глобалниот залет за решавање на оваа состојба која може да се искорени со усогласени напори на државите во светот. Но, без да забрза напредокот, милиони лица кои остануваат лишени од државјанство ќе бидат заглавени и нема да имаат пристап до најосновните човекови права – рече Гранди.
Од УНХЦР велат дека дискриминацијата врз основа на етникум, религија и род е главен фактор за лицата да не моѓат да добијат здржавјанството.
– Бидејќи не се препознаени како граѓани, лицата без државјанство често се лишени од законски права или основни услуги. Ова ги прави политички и економски маргинализирани и ранливи од дискриминација, експлоатација и злоупотреби. Тие немаат пристап до тестирање, третман или вакцинација против ковид-19, а може да имаат и ограничен пристап до поддршка или заштита од климатските ризици – пишува во соопштението на УНХЦР.
До денес, 96 држави пристапиле кон Конвенцијата на ОН за статусот на лицата без државјанство од 1954 година, а 76 кон Конвенцијата на ОН за намалување на бездржавјанството од 1961 година.





