Освежувањето на поставката се реализира паралелно со проектот „Превентивна заштита и конзервација на дрвените покуќински предмети од збирката на музејот“
Автентичен амбиент на традиционална македонска селска куќа од 19 век стана дел од постојаната поставка на Музејот на макеоднската борба во Скопје. Покрај одајата, претставен е и селски двор, амбиентално доближен преку музејски материјал – дрвена запрежна кола, која ги венсува посетителите во една друга приказна на стопанскиот живот во минатото.
Освежувањето на поставката се реализира паралелно со проектот „Превентивна заштита и конзервација на дрвените покуќински предмети од збирката на музејот“. Според Даниела Николова, директорка на Музејот, освен своите историско-научни и документаристички истражувања музејската дејност ги вклучува во функција и принципите на превентивната конзервација како битен елемент во зачувувањето и оддржувањето на музејската колекција.

Даниела Николова
– Презедовме заштитни мерки врз материјалот – фумигација, стабилизација, конзерваторско-реставраторски третмани и реставрација на музејски предмети. Реализиравме и итни превентивни мерки насочени кон амбиентално-сценските објекти – објаснува таа.
Николова вели дека минатото на нашите претци сега го визуелизираат преку музејските предмети како бутин, каче, дрвена лажица или тарун, кои ни ја доближуваат традицијата на подготвката на домашните производи во минатото.
– Скромното, но вкусно јадење поставено на традицоналната трпеза секогаш било подготвувано на предмети како: пирустија, котле, саан со капак или тепсија. Дрвените столчиња и домашно изработените ткаеници, од преѓа од волна се дел од внатрешното уредување. Испреплетувањето на традицијата на истокот и западот е видлива и во изложената рачна мелница за кафе, а пак за рачна подготовка на зрнестите продукти дознаваме од аванот и толчникот – објаснува таа.

Заштитата на материјалот ја вршеле стручни лица – конзерватори. Процесот започнал во текот на јули годинава и ќе продолжи на сите одделенија и катни простории, а ќе се одвиваат во континуитет.
– Тоа ќе придонесе во подобрувањето на тековната грижа и нега на музејското експозе. Вклучени се третмани за стабилизација на експонатите без нарушување на нивниот интегритет и внатрешна микроклима како предуслов за создавање на стандарни музејски услови, поволни за експонатите од различна материјална природа. Преку процесите на превентивната и непосредната заштита констатираните аномалии и оштетувања беа стабилизирани, а сите потенцијални извори на ризик анулирани. Интензивната непосредна заштита, мошне значајна во тековното оддржување на музејските екпонати започна со првите три одделенија од музејската поставка – вели Николова.
Конзервацијата на музејските предмети во неколку одделенија овозможила и реорганизирање на неколку амбиентални делови во поставката. На прашањето колку е важно освежувањето на поставките иако Музејот е генерално конципиран со постојана музејска поставка, Николова вели:

– Од музејски аспект, промените се значајни пред сè од аспект за заштита на артефактите кои се од прва категорија за секоја музејска институција, а потоа и за амбиентални дополнувања и реорганизација која е значајна за публиката. Конзервацијата и превентивната заштита на предметите се приоритет во музејските програмски активности, покрај музејската документација, валоризација на музејските збирки, дополнување на збирките со нови значајни предмети по пат на донации – вели Николова.
Во сиот процес, покрај стручниот кадар од Музејот, се вклучени и музејски експерти, конзерватори од другите релевантни национални институции во земјава.
Фото: Музеј на македонската борба





