Најчитаните текстови на Умно.мк во 2025

Редакцијата на Умно.мк ви ги честита новогодишните празници. Имајте добро здравје, правете добри дела и обидете се да го направите ова место подобро за живеење

Гостувањето на Сотирис Минас, афирматор на македонскиот јазик и книжевност во Грција кој во мај учествуваше на манифестацијата „Деновите на поезијата“ во Скопје е најчитаниот текст на Умно.мк во 2025 година. Го објавивме под наслов „Јас сум Грк и немам македонско потекло. И со гордост го научив македонскиот јазик“. Ви ги претставуваме десетте текста кои најмногу го привлекоа вашето внимание. Меѓу нив се интересни археолошки ископувања, текстови од образованието, информации за драги луѓе кои годинава нè напуштија. Неизоставен дел е трагедијата што се случи во март во Кочани. Текстот со насоки за психолошка поддршка за семејствата и блиските на жртвите и на повредените е втор најчитан текст годинава.

Теориите кои тврдат дека „локалните“ јазици се мешавина од повеќе јазици или содржат елементи од старогрчки дијалект, за жал, се распространети. Уште поиронично е што тие теории се поддржани од познати историчари и лингвисти, рече македонистот Сотирис Минас, афирматор на македонскиот јазик и книжевност во Грција. Тој учествуваше на манифестацијата „Деновите на поезијата“ што ја организираше на Фондацијата „Ацо Шопов поезија“ во трговскиот центар „Сити мол“ во Скопје.

– Немам македонско потекло. Мојот однос кон македонскиот јазик и таканареченото македонско прашање не е случаен. Тој е плод на подлабока потрага што произлегува од моите сопствени вредности. Од мали нозе чувствував потреба да оспорувам сè што се претставува како очигледно. Не ми беше доволна „официјалната вистина“. Сакав да допрам до коренот на работите и да формирам сопствен суд – вели Минас.

Со него разговараше Иван Антоновски, асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Тие отворија интересни аспекти за состојбата со македонскиот јазик во Грција.

„Сè ќе биде ОК“, „Времето лечи сè“, „Утре ќе ти биде подобро“, „Знам како ти е!“ … – се несоодветни изрази при прва психолошка помош, посочи Радмила Живановиќ, лиценциран психолог, гешталт терапевт и ЕМДР практичар при „Психотерапика“. Во текстот објавен на 19 март таа темелно објасни што значи прва психолошка помош и како да бидеме достапна и присутна поддршка во моменти на голема трагедија.

„Првата психолошка помош (ППП) е начин да им се помогне на настраданите и преживеаните да обезбедат поголема стабилност на себеси и најблиските во однос на ситуацијата којашто ги преплавила, не успеваат и не можат да ја исконтролираат. ППП овозможува поадекватна заземјеност во реалноста, придонесува до поголемо чувство на безбедност и овозможува простор и релација во која настраданиот може да ги искомуницира моменталните потреба, да ги сподели моменталните емоции и да стане посвесен за моменталните можности и ресурси кои се на располагање. Едни од позначајните фактори на одреден дистрес или преживеаност да премине во трауматско преживување е самата изненадност и силината на загубата, огромниот досег на трагичната загуба, присутната и силна немоќ за промена, справување, губење на контрола врз животот и дезориентација. Сепак, треба да се земе предвид дека ППП помош се нуди на лице место на настаната несреќа, а сите други психолошки интервенции се нејзина поддршка“, вели Живановиќ.

Целиот текст на линкот.

„Гроб на млад маж со воена опрема од 5 век пр. н. е. открија археолозите на Милци кај Гевгелија“ е третиот најчитан текст годинава. Пет погребувања од крајот на железното време и доцноархајскиот период на локалитетот Милци, кај Гевгелија беа истражени во рамките на меѓународниот проект што заврши во октомври. Археолошките истражувања беа спроведени во рамките на поширока научна програма насочена кон продлабочување на знаењата за погребните практики, материјалната култура и општествените структури на заедниците од железното време и архајскиот период во долината на Вардар.

Проектот „Археолошки и интердисциплинарни истражувања на локалитетот Милци – Гевгелија“ беше реализиран од 15 септември до 10 октомври, како резултат на соработка на Националниот археолошки музеј во Скопје, Музејот во Гевгелија, Одделот за праисториска археологија и археологија на Западна Азија/Североисточна Африка при Австрискиот археолошки институт (Австриска академија на науката) и Универзитетот „Максимилијан Лудвиг“ од Минхен, Германија.

„МОН повеќе нема да биде најголемата печатница во Македонија, учебниците се враќаат кај издавачите“ најави министерката за образование и наука Весна Јаневска во интервјуто за Умно,мк на почетокот на јануари. Таа најави повеќе нешта – Закон што ќе ја олесни постапката за набавка на квалитетни учебници, државната матура во формат што го бараат учениците, образовни асистенти за средношколците со попреченост, државна поддршка на талентираните ученици, раст на платите во високото образование, во основното и средното образование. Таа рече дека проблемите во образованието се многу, но од некаде мора почне решавањето.

„Колку ли само го чекаше овој ден, Филип!“ е текстот со кој Милорад Ангелов, актер во Театарот во Штип се прости со музичарот Филип Стевановски, кој почина во несреќата во Кочани. Стевановски беше директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“.

„Денес во 10:30 требаше да биде првата проба на новата претстава на Театарот во Штип. Се спремаше да одржиш говор, да ги поздравиш актерите за успешен процес во периодот што следува, да им посакаш успешна работа! Колку ли само го чекаше овој ден Филип! Колку ли мерак и труд вложи Филип за да дојде овој ден! А вечерта нели требаше да бидеме домаќини, како што ти го нарече мојот театар „Војдан Черодрински“ – Прилеп. Затоа што по фамилија имаше од тој твој прекрасен Прилеп. Од уста не го вадеше! Мики, брат ми Илија Волче, актерот, ќе дојде во вторник, замисли! И замислив Филип, многу работи замислив од тебе! Ах со колку мерак кажуваше! Просто човек да пукне од болка!“

Три информации се меѓу најчитаните годинава. Една е најавата за третиот „Маалски бувљак“ што се одржа во Железара.

„Да им се даде втор дом на старите предмети е една од причините за сестрите Анастасија и Ивана да организираат „Маалски бувљак“ во скопската населба Железара. Ќе најдете облека, плочи, книги, стари предмети кои ќе му дадат нова енергија на вашиот дом. Или накратко – на бувљак секогаш има за секого по нешто.“

Другите две се заминувањата на луѓе кои оставиле голем впечаток во заедницата и во ооштетството.

На 38 години во Гевгелија почина ликовниот уметник Сотир Хаџи-Николов. Неговите колеги уметници од Друштвото на ликовните уметници на Гевгелија со едноминутен молк во Уметничката галерија Амам ја посветија годишната изложба нему. Беше изложено и негово дело.

Сотир Хаџи-Николов дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот графика. Беше член на ДЛУГ Гевгелија, како и на центарот „Мултимедија“. Учествувал на симпозиуми во Македонија, Бугарија, Турција, Грузија, како и на повеќе групни изложби. Во последните десет години работеше во Музејот во Гевгелија.

Корчагинци се простија од Фросе – инспиративната професорка по математика која се пензионираше во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“. Фросина Митрушева ги смени животите на многу млади луѓе што поминаа низ клупите во нејзината училница. Секогаш логична и математички прецизна, зад себе остави стотици луѓе од различни генерации со кои беше многу повеќе од средношколски наставник. Многумина ѝ прераснаа во блиски пријатели. А таа сите ги сметаше за свои деца.

– 38 години работам со деца, 33 се во „Корчагин“. Имав среќа во животот како ретко кој да го работам тоа што го сакам и да го сакам тоа што го работам. Тоа им го посакувам на сите мои деца – рече пред седум години во Македонската филхармонија кога ја доби титулата „Корчагинска просветителка 2018“.

Вашето внимание го привлече и најстариот сочуван натпис што го пронајдоа археолозите во Младо Нагоричане. Кога керамиката е повредна од златото е реченица која археолозите често им ја кажуваат на луѓето кои немаат големи познавања од оваа професија. А керамиката е повредна од златото кога на неа луѓето што живееле пред илјадници години напишале нешто. Археолозите од Кумановскиот музеј на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане го открија најстариот автохтон натпис на териториите северно од македонското кралство. Поради разорното уништување на објектот во минатото тие не успеале да ги најдат останатите делови од садот, објаснува археологот Дејан Ѓорѓиевски, раководител на ископувањата. Со него разговаравме за археолошките истражувања, за новите сознанија во резиденцијалниот објект, за околностите во кои растела и се развивала оваа населба.

„Тешко заминаа во Бразил, уште потешко се вратија. Авантурите на тимот кој освои две бронзи за Македонија на најтешката олимпијада по хемија“ е десеттиот најчитан текст на Умно.мк годинава. Што правите кога сте 10 илјади километри далеку од дома, одговорен за шест млади луѓе, некои од нив малолетни, со освоени два медала за својата татковина, вашите колеги, среќни, влегуваат во авион што ќе ги однесе дома, а вам ви велат – не можете да влезете … Ова е авантурата на македонскиот тим што ја претставуваше Македонија на 59. Менделеева олимпијада по хемија што се одржа од 5 до 13 мај во Бело Хоризонте, Бразил. Ментор на учениците на Менделеевата олимпијада беше проф. д-р Миха Буклески кој ја раскажа приказната за патешествието во Бразил, објаснувајќи какви сè последици предизвикуваат финансиските проблеми и дотогашните нестабилни буџети на националните тимови кои ја претставуваат Македонија на престижните натпревари.

Сподели