Наградуваниот графички роман „Ирмина“ – на македонски јазик

Во издание на „Артконект“ од Скопје, неодамна излезе од печат наградуваниот графички роман „Ирмина“ од Барбара Јелин. Книгата што е преведена од Ксенија Чочкова, раскажува приказна за младата и амбициозна Германка Ирмина, која доаѓа во Лондон кон средината на 30-тите години на минатиот век. Таму таа го запознава Хауард, студент на Оксфорд кој потекнува од Карипските Oстрови. Но, нивната врска ќе биде ненадејно прекината поради политичката ситуација во Германија под власта на Хитлер. Ирмина мора да се врати дома, политичките тензии ескалираат, Втората светска војна.

Ксенија Чочкова дипломира на Катедрата за германски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Денес живее и работи како книжевен преведувач и менаџер во културата во Баден-Баден, Германија. Досега работела на повеќе изложби, конференции, различни проекти од областа на културата. Со литературен превод се занимава од 2004 година и има објавено повеќе од 30 преводи на автори од германското говорно подрачје. Во нејзин превод се објавени автори како Зигфрид Ленц, Бернхард Шлинк, Јулија Франк, Елфриде Јелинек, Бертолт Брехт, Кристоф Хајн, Штефан Цвајг, Елијас Канети, Роберт Валзер, Роберт Музил и други. За своите преводи е наградена со повеќе стипендии, како „Средба на преведувачи“ организирана од Литературниот колоквиум во Берлин, „Преведувачка резиденција“ на Гете институтот и Фондацијата Алфред Тепфер во Гут Зиген.

Барбара Јелин е германска илустраторка и писателка. Студирала илустрација на Академијата за применети науки во Хамбург. Како цртачка на стрипови прво се прочула во Франција преку изданијата „Le Visiteur“ и „Le retard“. Нејзината прва објавена книга во Германија е „Отров“ според сценарио на Пер Метер. Нејзиното најпознато дело е наградуваниот графички роман „Ирмина“. Барбара Јелин е долгогодишен коиздавач на антологијата „Спринг“ и држи работилници низ целиот свет. Живее и работи во Минхен.

-’Ирмина’ е прекрасен роман, инспириран од идејата едно класично книжевно дело со историска тематика да биде напишано како стрип. Резултатот е двојно задоволство: читателот ужива и во прекрасните цртежи и во незаборавната приказна“ – пишува „Опсервер“.

Сподели