„Еден бакнеж“, „Кажи зошто ме остави“… музика што не смее да се заборави

Целта на проектот „Периодизација на забавната музика од самите почетоци до 2020-та година“ е да ги прикаже периодите во кои се појавила, развивала и опстојувала забавната музика

Пишува: Александра Јуруковска

„Еден бакнеж“, „Кажи зошто ме остави“, „Молчи, молчи“ и многу други композиции заслужуваат и денес да се ,,вртат“ на радиостаниците, да бидат изведувани од младите генерации. Имињата на овие пејачи и композитори не треба да бидат заборавени. Но, за да ги знаеме вредностите, треба некаде да ги евидентираме, вели м-р Весна Малјановска, научен истражувач од областа на музиката во телевизискиот медиум. Таа е координаторка на проектот „Периодизација на забавната музика од самите почетоци до 2020-та година“ кој неодамна беше презентиран во Џепното кино во Младинскиот културен центар во Скопје. Покрај Малјановска, во истражувачкиот тим беа и м-р Елени Новаковска, д-р Јулијана Папазова и проф. д-р Александар Трајковски.

Од промоцијата во МКЦ

Целта на истражувањата се да ги прикаже периодите во кои се појавила, развивала и опстојувала забавната музика. Заради опсежноста на темата истражувањето е поделено во неколку фази: од појавата на забавната музика до 80-тите години од минатиот век, од 80-тите години до 1991 година, од 1991 до 2000 и од 2001 до 2020 година. Според Малјановска, ова истражување е насочено на првата фаза. Тимот истражувал на повеќе локации низ Македонија, Хрватска и Србија. На презентацијата беа претставени и видеоматеријали собрани од теренското истражување со кое е направен увид во првиот период од забавната музика, првите интерпретатори, композитори и диригенти, радио и телевизиски емисии, поткрепено со незаборавните мелодии од тоа време.

Според Малјановска, иако групното истражување не е чест пример, овој вид соработка може да донесе многу позитивни резултати, особено кога се работи за опсежна тема која бара анализи од повеќе аспекти.

– Пред неколку години со Елени Новаковска одржавме предавања во Домот на културата во Кавадарци. Гости ни беа средношколци кои покажаа голем интерес особено за мелодиите што ги слушаа на предавањето. Нè зачуди што младата генерација нема никакви информации за почетоците на македонската забавната музика. Тогаш си поставив цел дека оваа тема треба да се направи достапна за сегашните и идните генерации. Условите за ова истражување созреаја дури оваа година, кога Министерството за култура го поддржа овој истражувачки проект – објаснува Малјановска.

Според неа, секое истражување бара многу труд, време и истрајност. Процесот е долг, се истражуваат стари весници, некои од нив датираат од периодот на триесетите години од минатиот век.

– Звукот при листањето на страниците, нивниот специфичен мирис и правот од стоење ве водат во едно друго време, далечно и поразлично, секоја страница е ново очекување, дополнителна љубопитност. Прекрасно е чувството да се разгледуваат тие стари хартиени страници – објаснува таа.

Најбројните информации ги добивале од весници и од домашните архиви кои им понудиле многу фотографии, спомени и сеќавања на една младост, на едно време минато.

– Можеби најголемото задоволство претставуваше преслушувањето на композициите од првиот период, иако тука ни престои многу работа. Потврдивме дека тоа се композиции кои се богато мелодиски направени, со врвни аранжмани и интерпретација – вели Малјановска.

Многумина ги знаат големите хитови „Еден бакнеж“, „Кажи зошто ме остави“, „Молчи, молчи“, но во архивите се наоѓаат и многу други снимени композиции кои заслужуваат и денес да се емитуваат на радиостаниците или да бидат изведувани од младите генерации.

– Имињата како Нина Спирова, Зоран Георгиев, Љупка Апостолова, Диме Поповски, Верица Ристевска и многу други не треба да се заборават. Композиторите од ова време оставиле трајни вредности. Но, за да ги знаеме вредностите треба некаде да ги евидентираме, забележиме, каде ќе бидат достапни и за идните генерации. Затопа по завршувањето на втората фаза од истражувањето ќе го објавиме првиот дел од монографијата која го обработува периодот на забавната музика од појавата до осамостојувањето на Македонија, но за тоа ни треба уште поголема поддршка – вели Малјановска.

Сподели