Националниот џез оркестар да биде успешна македонска светска приказна!

Со посебен пиетет, возбуда, восхит, по малку и трема, беа музичарите на својот прв официјален концерт на Националниот џез оркестар обединети во вечерта што ќе се памети во Националната опера и балет во Скопје. „Ова е историска вечер, по седум години многу работа, но и голема поддршка од публиката, успеавме да стигнеме до остварување на нашата желба“, истакна Гоце Стевковски, директор на Националниот џез оркестар. Основањето на оваа институција и можноста потемелно да се развива џез културата, да се задржат големите таленти што ги имаме и кадри што се создаваат, е една од подобрите одлуки што воопшто е донесена во последните години.

Гоце Стевковски

Гледалиштето речиси целосно полно. Концертот под диригентство на Џијан Емин го отвори министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Со многу љубов, работа, разбирање, почит и визија заеднички стигнавме до оваа концертна вечер. Убедена сум дека овие музичари, кои се познати и во регионот, ќе посегнат и кон врвот на светската џез-сценарече Костадиновска-Стојчевска.

Бисера Костадиновска-Стојчевска

Беа изведени композиции за биг бенд од македонски истакнати џез-автори од различни генерации. Добар дел од композициите беа дела на музичарите од оркестарот.

Беа изведени композиции на: Гордан Спасовски, Трајче Велков, Зоран Костадиновски, Иван Петровски, Сашко Николовски, Џијан Емин, како и на Алек Пејовски, Владимир Николов и Илија Пејовски. Музичар со најмногу соло-делници беше Кирил Кузманов, кој многупати заслужи аплаузи. Публиката со долг аплауз го поздрави и Гоце Стевковски, кој е најзаслужен за реализацијата на идејата за Национален џез оркестар.

Свечената вечер и концерт нека бидат водилка за сите наредни настапи на Националниот џез оркестар, публиката и медиумите секогаш да им се наклонети, гледалиштата полни, аплаузи и овации никогаш доволно да бидат. Националниот џез оркестар да биде успешна приказна што ќе ни го обели образот и дома и надвор.

Сподели