Aко на еден графичар му се дадат сите услови за работа тој млад уметник е спремен за секое искушение да го претвори во реалност, нормално во своите можности – вели уметникот Виктор Семенпеев, организатор на Графичката работилница „Софија“ – Богданци
Околу 150 графички листа изработени на последните три графички работилници во Богданци ќе бидат изложени од вечерва до 26 февруари во Културно-информативниот центар во Скопје. Традицијата што внимателно се гради на оваа работилница во изминатите 17 години е за секоја почит и вреднување. Со уметникот Виктор Семенпеев разговараме за почетоците, но и предизвиците да се одржува ваква манифестација во мало место. Тој вели дека од првата сесија на графичката работилница имало жар во нив како организатори и истото се чувствувало и кај учесниците, нивната желба да се биде дел од овој настан била голема.

– Скромно е ако речам дека во секоја наредна година таа жар постои и не само што постои, туку се разгорува во секоја смисла, што сметам дека е позитивно за нас како организатори и секако за учесниците кои буквално се борат на факултетите за да стигнат до нашата работилница – вели Семенпеев.
Графичката работилница може да се пофали со огромен број графики што се чуваат во нивната архива.
– На почетокот праќавме апликации за учество за да се пријават учесниците, а последниве неколку години академиите и факултетите нè контактираат пред да ги испратиме апликациите. Самото ова покажува колкав е интересот. Многу нè радува кога дознаваме информации за наши учесници дека станале активни графичари, асистенти и професори… Задоволството е големо – вели Семенпеев.

Во изминатите три години, на работилницата во Богданци учествуваа 40 уметници.
– Секој учесник изработува најмалку три графики во кои е вклучена и графичката мапа која е еден прекрасен момент од самата работилница, секој учесник прави графика и добива графика од секој учесник тоа е мапа со околу 15-ина графики, подобар спомен од ова нема, за секој учесник презначаен… – вели уметникот.

Низ годините, поддршка за работилницата добиваат од Министерството за култура, Општина Богданци и Домот на култура „Бранд Петрушев“ – Богданци.
– Голема благодарност до сите нив, но тоа е само мал дел за нашата приказна да биде ваква. Огромна благодарност до печатница „Софија“ која секоја година нè поддржува во секоја смисла.

Овој август ќе пристигнат нови студенти учесници. Како што вели Семенпеев, сè е во нивни раце, организаторите обезбедуваат услови за сите традиционални техники (длабок, висок, пропустен и рамен печат).
– Знаете, ако на еден графичар му се дадат сите услови за работа тој млад уметник е спремен за секое искушение да го претвори во реалност, нормално во своите можности. Неретко ќе слушнете: „Ова е рајот за графичарите“. Посебно ни е драго за склучените долгогодишни пријателства, кратки и долги љубови кумства, а секако браковите се дел од нашите приказни… Како и секоја година така и оваа ќе имаме ментор кој ги води студентите, тука е со нас асистентите и организаторите кои исто така сме графичари, разменуваме искуства, реализираме презентација на својот пристап и работа во графиката, буквално несебично го даваме своето знаење едни на други, сите заедно градиме една цврста платформа на искуства, знаења и заемно помагање во тешкиот процес во создавање на графичкиот лист – завршува Семенпеев.





