Музејот на Крива Паланка одбележува 15 години постоење

Музејот на Крива Паланка е единствена локална музејска установа во државата, заедно со музејот „Теракота“ од Виница. Тоа значи дека бевме соочени со бројни предизвици сите овие години и упорно настојување за реформи во системот за да го добијат локалните музеи местото што го заслужуваат. По 15 години задоволни сме од сѐ што имаме направено за зачувување на културното наследство и развојот на културата, истакна Драган Величковски, директор на музејот, на вчерашното доделување на признанија, плакети и благодарници на бројните соработници.

На свеченоста по повод 15 години од основањето беше истакнато дека е остварена иницијалната каписла за понатамошна надградба и развој на оваа установа со донесената храбра одлука во 2006 година од страна на општината за формирање општ музеј кој ќе ги обединува археологијата, етнологијата, историјата и историјата на уметноста и сите нив да ги презентира низ музејските збирки и постојаните поставки.

Кривопаланечкиот музеј денес е современа институција, со изградени капацитети препознатливи во регионот и државата.

– Кога се работи со љубов и со желба да се остави зад себе дело, вредно за граѓаните и институциите, тогаш доаѓаат и успесите и резултатите. Горди сме што успеавме да создадеме мрежа на соработници со кои заедно работиме на унапредување на музејската дејност во локалните заедници – истакна Величковски.

 

Сподели