Ликовниот уметник Гоце Илиевски го наслика својот мурал на фасадата на КСП „Центар – Јадро“ во Скопје, откако жирито го избра неговото решение на конкурсот. На повикот пристигнале 14 креативни решенија.
Гоце Илиевски е уметник од Скопје, кој твори во областа на традиционалните, современите и дигиталните форми на уметност. Завршил Факултет за ликовна уметност во Скопје, отсек сликарство во 2010 година. Реализирал 15 самостојни и учествувал во многу групни изложби во Македонија, Германија, Австрија, Исланд, Турција, Бугарија и во Полска. Добитник е на повеќе награди за сликарство, акварел и фотографија од повеќе институции и држави. Во 2011 му беше доделена наградата „Златна четка“ за сликарство од ДЛУМ, како и наградата за GIF (дигитална слика во движење).

Учествувал на повеќе резиденции, симпозиуми, работилнници за уметност и други активности, меѓу кои како поважни за неговиот развој како уметник се издвојуваат, уметничкиот престој во Нирнберг, Германија, резиденциите во Литванија, Латвија и престојот во Исланд. Од особено значење е филмот Loving Vincent, каде што работи како сликар и аниматор.





