Од печат излезе преводот на македонски јазик на книгата „Чудовиштето“ од Владимир Зарев, во рамките на популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-или“. По издавањето на неговиот роман „Пропаст“ во 2019 година куќата продолжува да ја следи работата на познатиот писател, чии дела од бугарски на македонски јазик ги преведува Бранислав Мирчевски. Излегувањето на книгата е поддржано од мрежата „Традсуки“.
Со поднаслов „Роман за раѓањето и заминувањето, за стравот и љубовта, творештвото и слободата, за споменот и заборавот, младоста и стареењето, за ЧОВЕКОТ“, книгата на Зарев е уште еден современ роман во кој авторот ја покажува својата комплетна пишувачка зрелост. „Чудовиштето“ е роман за љубовта, за невозможната, безнадежна, но чиста и искрена љубов меѓу стариот писател и убавата млада новинарка. Нивните животи се испреплетуваат, но и се заробуваат во синџирите на моралната кауза.
За делото, д-р Ана Витанова-Рингачева напиша:

„За книжевните критичари, романот ,Чудовиштето’ е лебедовата песна на Владимир Зарев. Ништо не останува засекогаш, вели Зарев на почетокот од книгата, па ни љубовта, останува само споменот за неа, нејзината сенка, нејзиниот здив. Колку е човекот мал и ништожен кога согорува во својот копнеж да се одложи крајот, смртта да се смилостиви да го остави уште малку да се насладува на љубовта. Но дали таа негова желба не е крајно себична и горка?! Зарем е малку еден човечки живот за да се љуби и да се биде љубен?!“, пишува Витанова-Рангачева.
Владимир Зарев (1947) е современ бугарски писател роден во Софија. Работи како универзитетски професор по бугарска литература, а од 1973 година е уредник на одделот за белетристика на списанието „Современик“. Романите му се преведувани на многу светски јазици. Автор е на романите: Демонот на нетрпеливоста ( 1975), Процес (1984), Загар (1987), Лето 1850 ( 1988) , Пропаст (2003), Поп Богомил и совршенството на стравот (2005), Чудовиштето ( 2019), на трилогијата: Битие (1978), Исход (1983) и Закон (2012) и на повеќе поетски книги.





