МСУ обвиен со јутени вреќи. Отворање на големата изложба на светскиот уметник Ибрахим Махама

Преку поврзување на јутените вреќи и нивното инсталирање на површината на зградата на музејот, делото истражува како историските настани се вградени во материјалноста на јутените вреќи и како преку оваа инсталација фасадата се преобразува во политичко огледало – велат од МСУ

Фасадата на Музејот на современата уметност на Скопското кале деновиве е обвиткана со текстил како дел од претставувањето на реномираниот уметник Ибрахим Махама од Гана. Изложбата ќе биде отворена вечерва во 18 часот и ќе трае до 11 ноември. Ова е прво претставување на Махама во Македонија.

– Текстилната површина, составена од над 1.000 јутени вреќи кои ја обвиткуваат зградата, се секојдневно користени за транспорт на стоки и производи, првенствено во економиите на глобалниот југ, носејќи ги на себе историските траги од процесите на трудот, размената, реферирајќи на теми како глобализацијата и миграцијата, експлоатацијата и економската нееднаквост. Преку поврзување на јутените вреќи и нивното инсталирање на површината на зградата на музејот, делото истражува како историските настани се вградени во материјалноста на јутените вреќи и како преку оваа инсталација фасадата се преобразува во политичко огледало – велат од МСУ.

Основен во 1964 година, МСУ е создаден како платформа за уметничка размена, културна и меѓународна соработка. Изграден од донации по катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година, претставува материјално здание на принципот на солидарност, место кое го одразува ветувањето за подобро општество. Интервенцијата на Махама го обновува основачкиот етос на музејот, потврдувајќи ја улогата на уметноста во општеството и нејзиниот потенцијал да претставува и одразува акти на солидарност без оглед на различните просторни и историски контексти и ситуации.

– Зградата на музејот нераскинливо се поврзува со инсталацијата и јутените вреќи на Махама, станувајќи пандан во изразувањето и повторно промислувајќи ја и воспоставувајќи ја солидарноста, спротивно на доминантните глобални односи на моќ и експлоататорската геополитичка динамика – велат од МСУ.

Ибрахим Махама е роден во 1987 година во Тамале, Гана. Живее и работи во Акра, Кумаси и Тамале. Дел од неговите реализирани изложби се: Барбикан центарот, Лондон (2024); Кунстхале Оснабрик, Германија (2023); Ауде Керк, Амстердам (2022); Фрак Пејс де ла Лоар (2022); Хај Лајн, Њујорк (2021); Музеј на уметноста на Универзитетот во Мичиген (2020) и многу други. Учествувал на бројни групни изложби, вклучувајќи го 4. Биенале во Лагос (2024); Биенале на Малта и Гозо (2024), 15. Биенале во Шарџа, Кина (2023); 18. Меѓународно биенале на архитектура во Венеција (2023); 35. Биенале во Сао Паоло (2023); Музеј на ликовни уметности, Хјустон (2021); Центар Помпиду, Париз (2020); 22. Биенале во Сиднеј (2020); Павилјон на Гана на 58. Биенале во Венеција (2019); Документа 14, Атина и Касел (2017); Кунстал Шарлоттенборг, Копенхаген и Холбек (2016); 56. Биенале во Венеција (2015) итн.

Надвор од својата уметничка практика, Махама активно се стреми да ја редефинира улогата на уметноста во општеството. Тој ги основа Центарот за современа уметност „Савана“ и Студиото „Црвена глина“, обете институции посветени на образование, експериментирање и уметничка пракса водена од заедницата во Северна Гана. Во 2023 година, Махама беше назначен и за уметнички директор на 35. Љубљанско биенале за графички уметности.

Изложбата ја реализира МСУ со поддршка од Министерството за култура и туризам, Фондацијата „Рајтман“ (Reitman Foundation) од Лондон, Евролинк осигурување, Завар, Раде Кончар, Градежен факултет, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Македонската алпинистичка федерација и Викиекспедиции, сите од Скопје. Пријатели на МСУ Скопје: Галеријата Вајт Кјуб (White Cube Gallery), Лондон, Њујорк, Хонгконг, Париз, Сеул; Палацо Галерија (Palazzo Gallery), Бреша и Тиквеш, Кавадарци.

Сподели