„Мрежа на УНЕСКО културни простори“ – проект што го става нашето нематеријално културно наследство на пиедестал

Фолклористи, етномузиколози и етнокореолози од неколку европски организации беа гости на Македонскиот национален комитет на Интернационалниот совет за традиционална музика и танц, како дел од проект „Еразмус +“. Од 20 до 25 март, на повеќе локации во Македонија се одржа настанот „Мрежа на УНЕСКО културни простори (Network of UNESCO Cultural Spaces)“, а учествуваа: фондацијата Кину културен простор од Естонија, Грузискиот центар за уметност и култура, Универзитетот во Каљари, Сардинија, организацијата Сетомаа туризам од Естонија и Гачкото пучко отворено училиште од Оточац, Хрватска.

Под водство на д-р Велика Стојкова Серафимовска и д-р Филип Петковски, учесниците ги посетија Насоката за традиционална музика и игра при ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“, старата Скопска чаршија и присуствуваа на обредот Четр’се во Штип, впишан на Листата на светско нематеријално културно наследство на УНЕСКО.

– Учесниците имаа можност да присуствуваат на работилници поврзани со изработка на облековни елементи и инструменти во Пијанечкиот регион, организиран од страна на фолклорната група „Копачка“ во Делчево, која исто така одржа настап и работилница на која учесниците имаа шанса да научат како да го изведуваат орото Копачка. Освен посетите на градот Штип, Берово и Делчево, учесниците присуствуваа и на настап организиран од страна на КУД „Китка“ од селото Истибања, како и на „Беровските бамбурци“. Целта на проектот е да се создаве мрежа на институции како и размена на знаење поврзана со нематеријално културно наследство и локални заедници – велат организаторите.

Овој проект е прв од овој тип во државата и е од големо значење, бидејќи посетителите имаа шанса да се запознаат со македонското нематеријално културно наследство заштитено од УНЕСКО, да разменат знаења поврзани со методологијата на неговото истражување и зачувување и да креираат интернационална мрежа која ќе придонесе до зголемена видливост на заедниците и културните добра. По посетата во Македонија, овие организации ќе бидат гости во сите споменати држави и ќе присуствуваат на слични настани, објаснуваат учесниците од Македонија.

Фотографии: Диего Пани

Сподели