Верувале или не, костимите ги изработувам јас, со помош на мајка ми. Процесот е макотрпен, бара многу проверки и премерувања на кроевите, за костумот да „легне“ совршено, вели Христијан Проданов

Јавноста го знае како Спајдермен, Супермен, Аквамен. Последниот костум го носеше есенва на скопскиот Wizz Air маратон, а публиката иако не беше многубројна, одушевено го поздравуваше на сите етапи од полумаратонот. Тој е суперхеројот на маратоните во Македонија.

Спортот отсекогаш бил важен фактор во животот на Христијан Проданов од Скопје, иако никогаш не станал професионален спортист. До 14 години интензивно тренирал фудбал, а последниве неколку години се насочил кон билјардот. Трча повремено, за задоволство и најчесто за дружење. А костимите ги изработува сам, со помош на мајка му. Ова е неговата инспиративна приказна.

– Идејата за суперхерој на маратоните ми дојде во 2019 година. Се пријавив на полумаратонска трка (21 км), но бидејќи подготовките не одеа баш најдобро, ми требаше начин на кој што ќе добијам што е можно повеќе поддршка од публиката. Тој костум го имав од 2014 година и решив да го искористам. Публиката беше одушевена, како што се надевав – вели тој.

Таа година направил „обиколка“ на Македонија со тој костум. Почнал со Wizz Air маратонот во Скопје, Охрид ТрчаТ во Охрид, Трчај Бе во Битола, и завршил со Skopje Run 10k. Следната, 2020 година се облекол како Супермен и ги истрчал истите трки, освен последната. Лани беше годината на Аквамен – на Wizz Air маратонот во Скопје и градската трка во Битола.

Костумите ги изработува сам, а прима и нарачки

На прашањето каде ги набавува костимите Проданов вели:
– Верувале или не, костимите ги изработувам јас, со помош на мојата мајка. Процесот е макотрпен, бара многу проверки и премерувања на кроевите, за костумот да „легне“ совршено на моето тело. Во моментов можни се нарачки на костими, а достапни се Супермен, Аквамен, како и голем број варијации на костимот на Спајдермен. Секако, постои можност за изработка на костими од други суперхерои, но со договор.

Од досегашното искуство, појавата на Аквамен на трките предизвикало најбурни реакции, како кај публиката, така и кај медиумите.

– По трката во Битола, интернет-медиумите беа преплавени со статии за Аквамен. Реакциите од публиката беа исто така најбурни до сега – кои од одушевување, кои од негодување, но секако сите се добредојдени. Многумина дури и ме споредуваа со актерот од истоимениот филм, и рекоа дека многу личиме еден на друг – вели Христијан.

Анегдота од Охрид

Во 2018-та кога трчав како Спајдрмен во Охрид, една возрасна госпоѓа од Охрид кога ме виде извика „Ееее Супермен“!
Ѝ одговорив дека тоа е Спајдермен и продолжив. Следната година, на истото место, истата госпоѓа ме виде во костум на Супермен, и извика „Еве го Спајдермен“! Само се насмевнав и продолжив да трчам.

Кога ќе го видат деца, тие се пресреќни. Сите сакаат да се поздрават со суперхеројот кој се појавил пред нив, некои дури и трчаат одредено растојание покрај него.

– Неколкупати се случило да застанам кај некое дете кое блика од радост и да се сликам со него. Тоа е тоа што ми дава сила полесно да го завршам маратонот и да го повторам истото следната година – вели Христијан.

Спортот како дел од животот

Спортот е неизоставен дел од неговиот живот. Спортува уште од дете, сè до денес. Најмногу ужива во фудбал и билјардот. Фудбалот му бил „професионално“ хоби до 14 години, а последниве неколку години се насочува кон билјардот.

– Најдолгата трка засега е полумаратонот, односно 21 километар. Сè уште не сум се решил да истрчам цел маратон од 42 километра. Трчањето на маратоните ми претставува задоволство и забава и уживам додека трчам во костум на суперхерој токму заради позитивните вибрации кои ги добивам од публиката – вели Проданов.

Засега учествувал само на трки во Македонија. Во 2020 се подготвувал за маратонот во Белград, но поради други неодложни работи планот пропаднал. Се надева дека годинава ќе биде неговата прва трка на маратон надвор од земјава – најверојатно Белград или Солун, но не ја исклучува можноста за трка и во некој друг град. А костум, ќе одбере некој од старите.

Аквамен и на „Трчај бе“ во Битола

На сите што сакаат да спортуваат, да трчаат „суперхеројски“ маратон, Христијан им порачува:
– Тие што сакаат да спортуваат, мора да почнат. Кога ќе почнат, нема никогаш да сакаат да прекинат. Спортот е одлична алатка за одржување на здравјето и за подмладување на телото. За оние кои што ќе се одлучат да трчаат на мојот начин, би кажал само дека донеле одлична одлука. И би ги замолил да бидат во координација со мене, за да не се погодиме во исти костими – со насмевка завршува тој.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.