Пред бројна публика во „Скуола деи Ланери“ беше отворен македонскиот павилјон на 18. Интернационална архитектонска изложба во Венеција
Како практични архитекти и едукатори истражуваме: може ли архитектурата да биде платформа за нови идеи и дискурси? Ни претставува особено задоволство можноста да ја претставиме нашата земја на Архитектонското биенале во Венеција, рекоа архитектите на отворањето на македонскиот павилјон на 18. Интернационална архитектонска изложба на престижната манифестација. Пред бројна публика во во „Скуола деи Ланери“ беше претставена изложбата која има мултидисциплинарен пристап кон материјалот, а го истражува кадрирањето преку изградени структури, модели, текстови, фотографии и мебел.

– Чест и сериозна одговорност претставува креирање на концепт кој ќе биде претставен на најголемата светска манифестација во доменот на архитектурата. Годинашното Биенале преплетува и раскажува национални приказни од земји од целиот свет, ја пренесува пораката на глобално единство, чувство на присуство, афирмација на еднаквост, рамо до рамо на светските метрополи – рече Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија и комесар на македонскиот павилјон.
Изложбата се состои од реконструкција на тремот на манастирот „Св. Јоаким Осоговски“, како место каде со текот на времето се одржувала Летната школа на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Со транспонирање на реалниот простор во нов просторен конструкт – архитектон, се добива рамка за експонатите и експонат на изложбата. Мноштвото личности, дела, настани се изложени како предмети/модели, слики и записи на работната маса од верандата. Различни предмети од манастирот се претставени како макети на двете спротивни полици. На висечките рамки е прикажано училишното досие, клучните епизоди преку цртежи и текстови. Заедно, тие се еден вид индекс на постапките на поединците во создавањето на колективното добро.

– Во таа смисла, изложбата претставува еден вид архива во изработка. Обединети – архитектонот, артефактите и посетителите претставуваат своевидна реконструкција на отвореното училиште и тремот на гостинската куќа во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка, сега во Венеција – велат од Здружението за истражување на градот „Градот убав“ од Скопје кои ја подгптвија изложбата.
Куратори на проектот се Александар Петановски, Димитар Крстески, Дарко Драгановски, Марија Петрова и Горан Петров. Излагачи во поставката се: Минас Бакалчев, Митко Хаџи-Пуља, Александар Радевски, Саша Тасиќ и Димитар Папастеревски, а во реализацијата придонесоа и соработниците Амир Ахмети, Егзона Зендели, Кире Ставров, Влера Тачи, Теодора Илиевска, Сара Алаѓозовска и многу други.

Фото: НГМ





