Монографија за почетоците на македонската книжевна критика од Славчо Ковилоски

Институтот за македонска литература ја објави монографијата „Македонската книжевна критика во 19 век“ од д-р Славчо Ковилоски. Книгата е своевидна историја за појавата и развојот на критиката во новата македонска книжевност во која се покажува развојот на македонска книжевна критика и книжевност во изминатите два века.

– Во книгата се презентирани педесетина автори со преку 150 критичко-есеистички текстови кои во иднина треба да заземат свое место во каноните на македонската литература. Без критичките одгласи од и за Теодосиј Синаитски, Партенија Зографски, Константин Миладинов, Григор Прличев, Трајко Китанчев, Крсте Мисирков и останатите македонски книжевници не би бил возможен развојот на македонската литература во 19 век, но и на македонската литература од 20 и 21 век, во жанровска и естетска смисла. Притоа, се утврдува дека постоела македонска книжевна критичка мисла од ова време и се покажува дека таа во 20 век не е пројавена ад-хок, како што беше презентирано од страна на некои книжевни критичари во минатото. Поради тоа, изготвена е соодветна периодизација и типологизација, а подетално се анализирани и одредени критички осврти кои своевремено ја бранувале тогашната јавност – велат од Институтот.

Според рецензентката, проф. д-р Валентина Миронска-Христовска, книгата „претставува новина во македонската наука за литературна историја, а воедно и во македонската наука за литература и култура воопшто. Со овој свој научен труд авторот Славчо Ковилоски пополни една празнина во нашата литературна историја, која е неопходна за проучувањето на развојот и на континуитетот на македонската литература како и на науката за литературата и за културата воопшто. Секако оценката за оваа вонредно значајна книга се надополнува не само од потребата да истакнеме дека покрај тоа што таа првпат нуди можност на едно место да се проследи развојот на македонската критичка мисла во 19 век туку затоа тоа што во неа се внесени и низа познати, како и помалку познати имиња кои со своето дело го овозможиле не само развојот на македонската литература туку и на македонската култура“.

Сподели