Моќта на литературата да го пренесе внатрешниот дијалог на луѓето

Дебатата „Книжевноста како браник на слободата“ ја организира Институтот за македонска литература во соработка со Британската амбасада во Скопје

Литературата ја има моќта да го пренесе внатрешниот дијалог на луѓето, да ги прикаже промените во општеството преку она што се одвива во душата на еден човек, рече британскиот амбасадор Метју Лосон на дебатата „Книжевноста како браник на слободата“ што ја организира Институтот за македонска литература во соработка со Британската амбасада во Скопје. Покрај британскиот амбасадор, панелисти беа проф. д-р Наташа Аврамовска, директорка на Институт за македонска литература, проф. д-р Гоце Смилевски и проф. д-р Александар Прокопиев, писатели и универзитетски професори. Тие опфатије повеќе интересни теми како цензурирана книжевност; слобода на говор; гласот на маргинализираните, а автори во фокус се Јан Мекјуан, Џорџ Орвел, Олдос Хаксли, Салман Ружди, Оскар Вајлд, Марк Хадон, Керол Ен Дафи и Дејвид Херберт Лоренс.

Метју Лосон (лево) и Александар Прокопиев

Лосон нагласи дека во британски контекст книгата која најчесто се поврзува со цензура е „Животинска фарма“ од Џорџ Орвел.
– Интересно е да се спореди зошто „Животинска фарма“ и „Љубовникот на Леди Четерли“ од Д. Х. Лоренс биле забранети и во каков контекст. Причината за втората беше намерата на писателот да даде уметнички израз на најинстиктивните карактеристики на човековата природа, додека големиот успех на „Животинска фарма“ е што го отвора прашањето за моќта и како таа влијае на меѓучовечките односи, како се користи за манипулација, за пропаганда, во крајна линија и за контрола – вели Лосон.

Според Аврамовска, тоа што денес го читаме и поимаме зависи од актуелниот комуникациски миг.
– Читањето се менува зависно од парадигмите. Ние денес живееме во тој период на интерпретациски пресврт после 80-тите кога политичкото, етичкото и естетското се преплетуваат… ние така и читаме. Нашето денешно читање и нашиот денешен разговор е одреден од актуелниот комуникациски миг што го живееме и апсолутно не можеме да побегнеме од тоа – рече Аврамовска.
Смилевски се осврна на гласот на маргинализираните преку приказна за дете со аутистичен спектар, преиспитувајќи ги односите на моќ, различност и емпатија. И Прокопиев се надоврза на темите за слобода, пропаганда, цензурирана книжевност, моќта на уметноста, хипнотизирачката забава и политичката контрола.

Модераторката Ана Јовковска најави дека следната дебата ќе биде посветена на родовата нарација во британската книжевност, родовата критичка теорија, како и рецепцијата на женските слободи и права во локалната средина. Дебатата се одржа во рамките на платформата за креативен дијалог и критичко размислување „Книжевни рефлексии“ чија цел е преку културна репрезентација, дијалог и едукација да се раздвижи културата на дебата и да се поттикне активно учество на локалната научна и културна заедница во градењето на слободно, отворено и креативно општество. Во интерактивната дебата учествуваа и голем број писатели, уредници, издавачи, преведувачи и професори.

Сподели