Монографија „Македонска поетика и стилистика“ беше промовирана на Меѓународната научна конференција посветена на Иво Андриќ што се одржа во Мадрид, на почетокот на месецов. Автори на монографијата се Славчо Ковилоски, Марина Цветаноска, Билјана Рајчинова-Николова, Славица Петровска-Ѓорѓевска и Ема Лакинска, професорите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“: Весна Мојсова-Чепишевска, Иван Антоновски и Трајче Стамески, сите од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Бранко Тошовиќ од Универзитетот во Грац. На Конференцијата учествуваа повеќе од 80 универзитетски професори од Европа. Македонија ја претставија д-р Весна Мојсова-Чепишевска, д-р Славчо Ковилоски и м-р Марина Цветаноска.
Промоцијата се одржа на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Комплутенсе“ и се надоврза на претходни промоции во Задар, Бања Лука, Париз и во Скопје. Промотор беше Ковилоски. Целта на монографијата е да ја афирмира македонската книжевност и култура во славистичките кругови, но и пошироко, пред европската културна јавност. Уште со насловната страна изработена од Тошовиќ се даваат симболични одговори за значењето и местото на Македонија во светската култура. На неа се претставени Охридското Езеро како знак за препознавање на земјата, Блаже Конески како најзначајниот македонски филолог и истражувач и стара книга која го претставува почетокот на словенската писменост во Македонија и пошироко преку Охридската книжевна школа создадена од Св. Климент Охридски во 886 година.
Монографијата е наменета за странската читателска публика, па во неа се обработени главните поетолошки и стилски движења во македонската книжевност од средниот век, па сè до денес. Целта не е да се претстават сите македонски автори кои твореле низ вековите, врз репрезентативни примери се дадени основните насоки низ кои се движела македонската литература во минатото и денес. Книгата е сочинета од богат библиографски показалец за на идните македонисти побрзо да им се овозможи преглед на македонската теориска литература. Изданието е работено според методологијата и насоките укажани и прифатени од Комисијата за стилистика на Меѓународниот славистички комитет и Институтот за славистика на Универзитетот „Карл Франц“ во Грац, Австрија, кои воедно се јавуваат и како издавачи.





