Изложба на дизајниран накит и облека од Александра Вељановска

Во Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје отворена е самостојната изложба на дизајниран накит и облека од Александра Вељановска. Проектот е насловен Imagination, а целта му е да го афирмира ретро дизајнот, поврзан со периодот на минатиот век, на дваесеттите, триесеттите, шеесеттите години.

– Овој проект нуди времеплов каде што старото се спојува со новото и со техниките на изработка збогатени со нота на денешното модерно секојдневие. Во колекцијата се доловени симетријата, асиметријата, како и винтиџ-формите на елегантниот дамски накит и облека што пленеле со својата убавина, грациозност и елеганција. На сетовите од огрлици и обетки ќе стојат полускапоцени камења, високо квалитетни стаклени мониста, како и мониста од мурано стакло – вели Вељановска.

Авторката дипломирала во 2015 година на Европскиот универзитет во Скопје, на Факултетот за арт и дизајн, во класата на проф. д-р Јана Манева-Чуповска. Учествува на повеќе од 30 групни изложби.

Сподели