МОН отвори електронски адреси за пријавување врсничко насилство

На електронските адреси prijavinasilstvo@mon.gov.mk и paraqitdhune@mon.gov.mk учениците, родителите и сите граѓани ќе можат да пријавуваат врсничко насилство. Адресите се веќе активни и по секоја пријава веднаш ќе се постапува, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири по почетокот на консултациите за создавање мерки и надополнување на постоечките механизми за детекција и спречување на врсничко насилство, промена на пристапот за работа со деца со асоцијално однесување, работа со нивните семејства и слично.

Иницијативата на Министерството за образование и наука доаѓа по пукањето во училиштето во Белград, во кое 14-годишник застрела 9 лица, 8 ученици и чуварот.

Разговаравме со повеќе академски професори и експерти од областа на педагогијата, психологијата, социологијата, безбедносните науки за да евидентираме што е тоа што можеме да го интегрираме во нашиот образовен систем, за да превенираме несакани настани како во соседна Србија. Ова е сериозен предизвик за сите нас. Имавме плодна дискусија и сите сме согласни дека промени мора да се случуваат, затоа што новото време ја менува динамиката на живот, се менуваат трендовите, однесувањето на младите. Овие предизвици бараат и соодветен одговор – вели Шаќири.

Процесот на креирање мерки за јакнење на воспитно-образовниот систем за справување со насилство ќе биде инклузивен и во него ќе се вклучат повеќе институции и поединци. Со цел вклучување на сите засегнати министерства, ќе следат и средби со МТСП, МВР и Министерството за здравство. Во рамки на постечките механизми за справување со меѓуврсничко насилство и девијантни однесувања на децата и младите, делуваат стручните служби во училиштата, Педагошката служба и Просветниот инспекторат, а МОН има конструктивна соработка со службите на МВР.

Фото: Pixabay

Сподели