МОМИ ја отвораат изложбата „Мајкинство“

„Мајкинство“ е насловена ликовната изложба на уметничката група МОМИ која вечерва во 20 часот ќе биде отворена во Културно-информативниот центар во Скопје. MОMИ е уметничка група од седум авторки кои дејствуваат заеднички од почетокот на 2012 година, поврзани преку своите креативни идеи и инспирации за создавање, како и блискоста на проблематиките кои се провокативни за нивно истражување. Групата ја сочинуваат: Ана Ивановска, Кристина Хаџиева, Зорица Зафировска, Маја Кировска, Марија Сотировска, Татјана Ристовска и Христина Зафировска.

– Изминатата година заеднички работевме на „Мајкинство“, тема која е едноставна, но многу длабока. Сигурно ќе се запрашате зошто „мајкинство“ наместо „мајчинство“. Иако како збор не постои во нашиот литературен јазик, овој збор е поблиску изведен и има поцврста врска со зборот „Мајка“. Она кое најмногу нѐ обединува во нашата група е мајкинството. Оваа улога и функција ја носиме со нашето раѓање и свесно или несвесно секогаш се рефлектира во нашите творби – велат авторките.

Изложбата „Мајкинство“ растела и се развивала преку заеднички процес на создавање и интеракција меѓу членките во текот на повеќе месеци.

– Нашата група има 7 члена, и секоја од нас иницираше дело на зададената тема. Иницијалниот концепт беше претставен со скици, објаснувања и насоки, а потоа сите имавме можност да го следиме развојот на секое дело преку заедничка комуникација онлајн, како и преку нашите состаноци во живо. Секоја од нас имаше можност да надополни било кое од делата според своето видување и интерпретација. Така делата се надополнуваа и се приближуваа кон својата конечна форма. Крајната реализација на делата ќе се случи со нивното обединување и поставување во галерискиот простор, кога сите делови од „мозаикот“ ќе го најдат своето место – велат уметниците.

Пред основањето на групата, авторките соработувале на бројни проекти и се основачки членови на поголемиот уметнички колектив Art I.N.S.T.I.T.U.T. основан во Скопје 2009 година. Во рамките на групата МОМИ реализираат повеќе изложби и проекти. Се претставуваат со индивидуални дела тематски посветени, додека голем дел од проектите вклучуваат заеднички процес и интеракција меѓу членовите. Некои од изложбите вклучуваат интеракција со публиката во процесот на изработка и презентација. Ова 14. изложба на МОМИ, а ќе биде отворена до 10 јануари.

Сподели