Мојата потрага за изгубeната муза во сивото секојдневие е приказна на многу талентирани уметници што се изгубиле во лавиринтот на животот

„Приказна за една муза“ е првата самостојна изложба на уметницата Марија Николова, што во ноември беше отворена во Младинскиот културен центар во Скопје. Николова е дипломиран сликар со конзервација и реставрација (ФЛУ – 2005), од класата на проф. Танас Лулоски, активен член на ДЛУМ и работи како конзерватор–реставратор во Археолошкиот музеј на Македонија. Во текот на својата кариера учествувала на голем број групни изложби, претставувајќи ја својата чувствителна и препознатлива визуелна креативност.

Поставката опфати серија апстрактни дела инспирирани од личната емоционална меморија, интуицијата и внатрешниот импулс за игра со боја и форма.

„Приказна за една муза“ беше насловот на изложбата што во ноември беше поставена во Младинскиот културен центар во Скопје. Која е вашата муза, конкретно за оваа изложба?

-Музата јас ја пронаоѓам во себе си. Во внатрешната сила како жена, мајка и творечка енергија како уметник.

„Нејзините слики се танц на бои, апстрактни форми и експресии карактеристични по леснотијата и веселиот колорит. На публиката ѝ пренесуваат суптилна женска енергија, ведар дух и топлина.“ Како стигнавте до овој колорит? Како уметникот ги избира боите?

– Боите на моите дела се продукт на мојата интуиција и сензибилитет. Уметниците честопати несвесно бираат бои зависно од емотивната состојба. Во мојот случај тие го одразуваат мојот дух и енергија во моментот на инспирација и креација.

„Облеката низ времето“ е ваша боенка посветена на деца, со цел да учат за облеките и навиките низ различни временски периоди. Како реагираа децата на ова дело? Поставуваат ли многу прашања?

– Боенката ,, Облеката низ времето ” е интерактивна боенка наменета за деца и возрасни. Реакцијата на неа беше многу позитивна бидејќи е македонски производ и единствена со таква содржина. Го презентира нашето богато културно наследство и длабоки корени на начин соодветен и интересен за децата.

Каде е местото на уметникот во нашето општество?

– Местото на уметникот во нашето општество за жал е на многу незавидно ниво. Причината за тоа јас ја гледам најпрво во неедуцираноста и незаинтересираноста за вистинска уметност на граѓаните, во економската ситуација во државата, како и во целокупната ситуација во која живееме. Мојата потрага за изгубeната муза во сивото секојдневие е приказна на многу талентирани уметници кои се изгубиле во лавиринтот на животот.

На што сте фокусирана периодов?

– Во наредниот период планирам да издадам уште една боенка со тема од културното наследство. И подготвувам дела за нова изложба.

Сподели