Биеналето ќе започне на 29 октомври годинава преку серија изложби и настани на повеќе локации во Скопје и пошироко и ќе трае цела година
Многу новини најавуваат организаторите на 15. Биенале на млади уметници што ќе почне на 29 октомври и ќе трае цела година. Биеналето ќе се одржува на повеќе локации низ Скопје и Македонија, може да учествуваат автори и над 35 години и нема да биде отворено само за професионални уметници. Пријавувањето е веќе отворено и ќе трае до 24 август.
Ко-куратори на биеналето се Себастиан Цихочки и Нада Прља, а се фокусира на важноста на самиот процес на настанување на уметничките практики.
– Оваа определба делумно произлегува од историјата на Музејот на современата уметност во Скопје, каде што Биеналето на млади уметници почнува во 1987 година, воспоставувајќи институционална платформа за дијалог и експериментирање. Сосредоточувањето на самиот процес ја подразбира важноста на истражувањето, експериментирањето, дијалогот со публиката како и општествените контексти што ги откриваат состојбите во кои размислуваат и делуваат уметниците – велат организаторите.
Биеналето ќе започне на 29 октомври годинава преку серија изложби и настани на повеќе локации во Скопје и пошироко и ќе трае цела година. Секој нов настан ќе создаде платформа за нова група на учесници. Досега Биеналето подразбираше изложба во МСУ и доделување награди.
– Концептот на ова Биенале го напушта форматот на претходните биеналиња овозможувајќи динамична платформа за развивање на практики и дела во дијалог со кураторите и другите учесници во процесот. Новина е што ќе биде дисперзирано и ќе се одвива на различни локации во Скопје и други градови за да се креираат уметнички и културни изложбени модели кои нудат поврзување со различни социјални и урбани контексти – велат организаторите.
Овој пат учеството на Биеналето не е ограничено со возраст до 35 години и на учесници исклучиво со формално образование (професионални уметници). Повикот е отворен за ликовни-визуелни уметници, но и за дизајнери, архитекти, перформанс-уметници, писатели, студенти и други.
– Оваа промена во формата на повикот ги одразува и современите начини на работа, но претставува и рефлексија на некои од првичните импулси на Биеналето, кои се залагале за проширување на слободата на изразувањето – велат организаторите.
Сите заинтересирани се поканети да испратат селекција на реализирани, но и проекти кои се иницијална фаза на создавање, односно форми карактеристични за рани фази на творештво (Early Works) како цртежи, макети, акции во јавен простор, графити, интервенции, перформанси, Concrete poetry, кратки видеа или радио-поткасти, итн., но исто така и дела кои се реализирани во „поконвенционални“ формати, како слики и скулптури.
– Заинтересирани сме за дела кои се елементарни, дури и „недовршени“ во својот изразен формат, но авангардни, автентични и радикално визионерски на идејно и концептуално ниво – потенцираат кураторите.
Портфолијата или линковите до веб-страници и профили (Instagram итн.) со своите дела може да се испраќаат на mocaskopje.team@gmail.com најдоцна до 24 август. Ако делата се со идеја да бидат изведени на специфична локација (улица, јавна институција, итн.), треба да биде наведена.





