Мухамед Ибрахими: Многу инструменти сакам, но секогаш би ја одбрал гитарата

Во понеделник (27. февруари) Ибрахими ќе oдржи концерт во Филхармонијата заедно со Ратко Даутовски на перкусии, Џоле Максимовски на бас, Фјола Исмаили на чело и Никола Стојмановиќ на мандолина

Важи за еден од најскромните музичари во Македонија. Нејасно е кој кого избрал – дали тој музиката, или музиката него. Но, јасно е дека музичкиот ген е присутен кај сите во семејството Ибрахими. Во понеделник музиката на Мухамеди Ибрахими ќе ја исполни концертната сала на Филхармонијата во Скопје. Иако има повеќедецениска кариера зад себе, публиката не го гледа често на концерти. Во интервјуто за Умно.мк, Ибрахими објаснува зошто е тоа така.

Вашите настапи секогаш се дочекуваат со многу радост и љубов кај публиката. Што да очекуваме на концертот на 27. февруари?

– Ќе настапам со четворица гости: Ратко Даутовски на перкусии, Џоле Максимовски на бас, Фјола Исмаили на чело и Никола Стојмановиќ на мандолина. Тоа ќе биде мој прв настап во Филхармонија, кој ми е овозможен и организиран од Манде (Владимир Мандичевски) од „Баги комуникации“, и се надевам дека ќе звучи добро. Репертоарот ќе содржи композиции од моите два албума, но ќе има и нови композиции кои ќе бидат прв пат концертно изведени. Составот е интересен, композициите опфаќаат поширок обем на стилови задржувајќи ја автентичноста на мојот стил и начин на интерпретирање. Се надевам дека публиката ќе ужива во звукот кој ќе го пренесеме преку нашите инструменти.

Како ги избравте Вашите соработници, дали работите на некој нов материјал заедно можеби?

– Ретко настапувам во поголем состав, најчесто тоа го правам сам/соло или кога ми треба ритам тоа е со Ратко Даутовски, со кој имам најмногу настапи. Инаку не ми е лесно да одберам состав и тоа од неколку причини – прво мојот стил на свирење е малку необичен и штимањето на гитарата (како и на мандолината и другите инструменти) ми е различно, второ – треба да се најдат музичари кои се слободни и кои би можеле да ме разберат, за да звучи тоа така како што ми е мене замислено. Имам нов материјал, го работев сам, но за да го снимиме ќе треба да се соберат музичари/инструменталисти и се разбира место и средства за да се сними како што треба.

Мухамед Ибрахими

Вие сте еден од најскромните музичари на нашата сцена. Не се експонирате премногу, го дозирате вашето присуство во јавноста. Сметате ли дека музиката треба најмногу да кажува?

– Не знам… Експонирањето зависи од мојата ангажираност и како што кажав не сум или не бев многу ангажиран музички… од повеќе причини, но со соработката што во последно време ја развивме со Манде, мислам дека ќе успееме да учествуваме на повеќе проекти кај нас, а можеби и надвор од нашите граници.

Во основа сте самоук музичар, без музичко образование. Може ли да ни откриете како музиката Ве одбра Вас? Дали може да се навратите на почетоците, на детството можеби или кога почнавте да свирите?

– Да, јас сум самоук музичар како и моите тројца браќа и две сестри, наследено од татко ми кој знаеше да посвири на некој од инструментите, иако тој пееше убаво и имаше добар слух. Сите свиревме во училишниот оркестар. Почнав да свирам од мојата петта година (барем од тогаш паметам), на мандолина. Во училишниот оркестар се запишав кога имав 8 години или 2. одделение иако тогаш примаа само од 5. одделение. До 6-то свирев мандолина, во 7-мо виолина, а во осмо се определив за гитара и оттогаш гитарата ми е основен и омилен инструмент. Подоцна бев во познатиот скопски бенд „Бла…Бла…Бла“ сè до 1999 година кога прекинав. Оттогаш па сè до 2014 година имам настапувано само на две-три места. Во 2014 го снимив мојот прв соло албум Fly, за подоцна, во 2019 да го издадам вториот Devotion.

Свирите на повеќе инструменти. Кој од нив Ви е најмногу на срце?

– Многу инструменти сакам, на пример ут, саз, чело, но секогаш би ја одбрал гитарата.

Дали имате некој конкретен план на поле на Вашата музика годинава?

– Работам на нов материјал кој би требало годинава да биде издаден. Истовремено насоката се обидувам да ја свртам кон повеќе настапи во живо.

Сподели