Претставата „Сино“ на Грчкиот куклен театар Hop Signor, еден од најиновативните колективи на европската сцена, вечерва во 19.30 часот ќе гостува на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ во Скопје, на сцената на Театарот за деца и младинци. Со оваа претстава ќе биде затворен фестивалот во свој стил – храбро, визуелно и со многу смеа. Претставата е наменета за публика над 14 години и има превод на македонски јазик.
Авторот и режисер Танос Сиорис донесува провокативен објект-театар, составен од низа кратки, брзи и трагикомични ситуации со полицајци како главни ликови. „Сино“ хумористично ги истражува стереотипите, машкоста и дилемите кои се јавуваат при почитувањето на наредби, нудејќи комплексен и критички поглед на спроведувањето на законот.
Некои претстави не се прераскажуваат. „Сино“ е токму таква: апсурдно-хумористична, нежна и човечка. Претставата го претвора секојдневието во поезија од мали судири, чудни навики и недоразбирања.
Од 12 часот во Театарот Комедија ќе се изведе претставата „Како оздраве Штурецот“ од Мал театар „Душко Радовиќ“ од Белград, Србија, ветува музички и визуелно раскошен спектакл. Под режисерската палка на Никола Завишиќ и со обемен ансамбл – вклучувајќи ги Дубравка Ковјаниќ, Катарина Димитријевиќ, Никола Малбаша и Никола Керкез – претставата според делото на Тон Телехен нуди живописна приказна раскажана преку музика, глума и мултимедиални содрини кои ги опфаќаат темите со кои се обременти и денешните деца и младинци – тагата, празнината, недостаток од мотивација, но и триумфот над нив.
Во изминатите три дена на фестивалот гостуваа театри од повеќе земји од Европа, беа изведени шест претстави во официјалната конкуренција, а вечерва по изведбата на претставата ќе бидат врачени и наградите за најдобрите.





