„Матица македонска“ објави ново издание со расказите на големиот Антон Павлович Чехов, во превод на македонски јазик. „Човек во футрола“, „Смртта на чиновникот“, „Мала шега“, „Ноќ спроти Велигден“, „Патник со прва класа“ и редица други антологиски раскази на најзнаменитиот претставник на рускиот натурализам, повторно се достапни за македонските читатели. И новите генерации имаат можност да прочитаат дел од расказите што влијаеле на развојот на светската книжевност, а со Чеховиот стил и со темите и мотивите, подеднакво се актуелни и во нашево време.
– Слично како и во драмите, Чехов во своите раскази и новели не носи големи настани ниту големи исклучителни ликови кои во општеството настапуваат гласно и со врева. Фабулите се многу едноставни, бидејќи Чехов настојува да предизвика впечаток, расположение, атмосфера; тој создава расположенија околу ликовите во кои тие целосно се објаснуваат – пишува Аполон Гилевски во поговорот на изданието.





