Митот за „лудиот“ научник. Предавање на проф. д-р Илина Јакимовска

„Од Франкештајн до Волтер Вајт: Митот за ,лудиот’ научник“ е насловено отвореното предавање на проф. д-р Илина Јакимовска што ќе го одржи утре во 12 часот, на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Предавањето е по повод Меѓународниот ден на антропологијата.

– Древни митови од различни култури зборуваат за смртници чие трагање по поголемо знаење има катастрофални последици, или по самите нив или по човештвото. Стереотипот за опсесивниот научник се вклопува во овој наратив, со различни верзии на негово претставување во книжевноста и филмот. Оваа презентација ќе се задржи на некои од најпознатите ликови на „луди“ или зли научници, обидувајќи се да одговори на прашањето – зошто културата, која сепак зависи од научниците кога се во прашање откритија што го олеснуваат животот, толку долго би го промовирала овој мит? – најавуваат антрополозите.

Предавањето е во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на антропологијата (претпоследен четврток во месец февруари), а истовремено е и прв во низата настани со кои ќе бидат одбележани 20 години од формирањето на Институтот за етнологија и антропологија.

Сподели