Конкурс за нов директор на фестивалот „Браќа Манаки“

Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ) објави конкурс за избор на директор на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Изборот ќе биде извршен од пријавените кандидати кои ги исполнуваат критериумите на следното изборно Собрание на Друштвото на филмските работници.

Според пропозициите, кандидат може да биде секој редовен член на Друштвото или докажан и афирмиран професионалец од областа на уметноста, културата или друга јавна сфера.

Кандидатот треба да има високо образование, менаџерски и лидерски способности и искуство, комуникациски и организациски способности за тимска работа и професионално однесување, да има познавање и искуство во следење на светската филмска продукција и филмските фестивали од висока категорија и одлично да го познава англискиот јазик.

Директорот на фестивалот има мандат од две години со право на повторен избор. Пријавите задолжително треба да содржат биографија на кандидатот, докази за исполнување на предвидените критериуми и детална програма за работата на „Браќа Манаки“.

Материјалите треба да се достават најдоцна до 6 март на електронската адреса contact@dfrm.org.mk или во седиштето на Друштвото на ул. „8. Март“ бр.4, 1000 Скопје.

Насловна фотографија: Архива

Сподели